Забрзување на економскиот раст, дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции, примена на вештачката интелигенција, враќање на инвестициите и улогата на дијаспората во националниот раст, ќе бидат во фокусот на Самитoт „Македонија 2025“, што почнува денеска во Скопје.
Економски експерти, директори на тинк-тенк организации, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави, ќе говорат на панел дискусиите на Самитот, на кој се очекува да присуствуваат околу 550 гости. Официјалниот дел на самитот ќе го отворат Виктор Мизо, претседавач на Одборот на директори на Македонија 2025 и Никица Мојсоска Блажески, извршна директорка на Македонија 2025.
Главните теми на Самитот ќе бидат обработени во 14 панел сесии на кои ќе учествуваат 36 врвни говорници од Македонија и светот. Фокусот ќе биде ставен на потребата од забрзан економски раст и моделите како тој да се оствари, како и на дигиталната трансформација, иновациите, привлекувањето странски инвестиции и борбата против корупцијата.
Во рамки на Самитот, ќе се организираат и пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум засебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции.
„Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ е насловен првиот панел на кој ќе говори македонскиот премиер.
Поранешниот премиер на Грузија Ник Гилаури е најавен дека ќе говори на панел дискусијата „Економски пресврт преку болни реформи“, чиј модератор ќе биде Мајк Зафировски, додека поранешниот министер за финансии на Полска Тадеуш Кошчински ќе говори на темата „Различни патишта, една дестинација: Стратегии за економски раст“. На овој панел е најавен и поранешниот американски амбасадор во земјава Филип Рикер.
На тема „Трговија, талент и иднина на глобалните економски партнерства“ ќе говори амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во земјава, Абдула Али Атик Обеид АлСубуси.
Македонскиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски е најавен на панелот „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, каде што ќе говори и Матијас Дауб, основач на „Сосиетек“.
Учесниците ќе дискутираат и на теми за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, потоа за редефинирање на стратегии за странски директни инвестиции – усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции, ќе се дискутира и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.
Еден дел од самиот ќе биде посветен и на вештачката интелигенција преку панел-дискусиите: „Вештачка интелигенција, истрајност и неконвенционалниот пат: Инспиративен разговор со Дао Џенсен“, „Револуција на вештачката интелигенција: Како технологијата ги преобликува традиционалните индустрии“, „Нова ера: Како вештачката интелигенција го редефинира нашиот свет“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се очекува да има обраќање на затворање на Самитот Македонија 2025.
Во рамки на Самитот ќе бидат доделени награди за академска извонредност на Фондацијата Атанас Близнакоф.
Самитот на Македонија2025 е регионален настан со најдолга традиција чија цел е размена на искуства и нови трендови, вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, како и инспирирање на промени во Југоисточна Европа.