Светската банка со уште поскромни прогнози за економскиот раст на Македонија од ММФ, и сериозно пониски очекувања од владата. Во Редовниот економски извештај за Западен Балкан објавен денеска, Светската банка очекува економскиот раст на земјава годинава да биде 2,6 отсто.
Владата проектира раст на економијата за годинава од 3,7 отсто, Народната банка очекува 3,3 отсто, ММФ 3,2 отсто, но Светската банка има сериозно поскромни очекувања од 2,6 отсто.
Според извештајот на Светската банка, македонската економија ќе расте најбавно во регионот. Најголем раст се очекува во Косово од 3,8 отсто, по што следува Србија со 3,5 отсто. Просечниот раст во регионот е проценет на 3,2 проценти.
Светската банка оценува дека повисоките расходи за јавни инвестиции се амортизирани со забавувањето на потрошувачката и извозот.
Американското зголемување на царините и несигурноста индиректно ќе влијаат врз македонската економија. Долгорочните проекции се ограничени од ниската продуктивност, неефикасната распределба на капиталот, слабата надворешна побарувачка и потрошувачката притисната од инфлацијата, стои во Извештајот.
„Изгледите за раст на Северна Македонија се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијата. Напредувањето во планот за реформи за ЕУ, вклучувајќи ги целите за зелена транзиција, е критично за поттикнување на одржливиот раст на среден до долг рок“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пак, за време на минатонеделната посета на Вашингтон изјави дека проектираниот раст на економијата од 3,7 отсто е реален и оти Македонија може да ја искористи царинската криза за префрлање на производствените капацитети од европските земји заради намалување на трошоци.
Срѓан Стојанчов