Македонската ракометна репрезентација има за што да жали на стартот на Светското првенство, бидејќи во последните секунди ја загуби победата против Унгарија и на крајот мораше да се задоволи со реми 27-27 против фаворитот во групата Д.
Иако Унгарците имаа подобар старт на натпреварот и водство од 2-5, Македонија одговори со фантастична игра и серија 7-1 за да поведе со три голови разлика. Предводени од фантастичниот голман Никола Митревски, но и „бомбардерот“ Филип Кузмановски во нападот, нашиот тим ја одржуваше предноста против фаворитот. Сепак, Унгарија имаше подобар финиш на првиот дел и со серија од 0-3 се избори за нерешено на полувремето или 14-14.
Вториот дел беше исклучително изедначен, двете репрезентации постојано се менуваа во водството и тоа со само еден гол разлика. Во последните минути Митревски повторно беше фантастичен на голот, а целиот натпревар беше решен во последните 40 секунди.
Македонија имаше водство од 27-26, но ја загубивме топката по тајм-аутот на селекторот Кирил Лазаров, па во противнапад Унгарија реализираше за 27-27. Во последниот напад не успеавме да ја пробиеме противничката одбрана и да реализираме за победа.
И ова реми секако е голем резултат за Македонија, која во следното коло игра со Холандија во петок, а во последната рунда во недела против аутсајдерот Гвинеја.
Капитенот Филип Кузмановски со десет погодоци беше лидер на тимот денеска, по три голови имаа Мартин Велковски и Марко Митев. Митревски на голот запиша 13 интервенции. Кај Унгарија најефикасен беше Зоран Илиќ со шест голови.