Вести Македонија Најважни

Артан Груби и Перпарим Бајрами осомничени за злоупотреби во Лотарија, кривична имало и за Ковачевски

Обвинителството отвори истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби и против поранешниот директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами за проневери во службата. Биле извршени претреси во нивните домови. Истрага е отворена против уште четири лица, кои биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици.

Полициски екипи денеска извршиле претреси на девет локации во скопско и во кумановско поради сомнеж за сторен криминал во Државната лотарија. При извршените претреси се пронајдена околу 40 илјади евра.

Според неофицијалните информации, и Груби и Бајрами се во Косово.

Кривичните пријави биле поднесени од Финансиската полиција и од МВР.

Кривична пријава во случајов била поднесена и против поранешниот премиер Димитар Ковачевски, но тој во моментов не е опфатен со истрагата на Обвинителството.

„Е поднесена до ОЈО Скопје против 8 физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар. Останатите се државни службеници коишто работат во едно од правните лица. Во оваа фаза, постои основано сомнение дека истите сториле повеќе кривични дела, коишто на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Обвинителството со објаснување зошто истрага е отворена против 6 луѓе, иако кривични биле поднесени против 8 лица.

„По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела“, соопшти Обвинителството.

Груби синоќа на Фејсбук напиша дека не е во бегство туку во приватна посета во странство за што е известено и неговото полициско обезбедување.

„Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.

Перпарим Бајрами не одговори на нашите пораки.

Груби се сомничи за нелегално издавање на лиценци за интернет коцкање.

КОД во изминатата година објави низа истражувања за онлајн коцкањето во земјава. Државата седум години овозможувала онлајн обложување спротивно на законот. Интернет коцкањето го овозможуваше Државната видеолотарија, во доминантна сопственост на Државната лотарија, која од почетокот на годинава отвори уште три фирми – со Моцарт од Србија, Телематик интерактив од Бугарија и Везув од Црна Гора за интернет коцкање. Државната лотарија организираше интернет коцкање и сама. По автентичното толкување на Законот за игри на среќа, минатиот месец беа затворени легалните сајтови за интернет коцкање, освен тој на Државната лотарија.

Бајрами се сомничи за набавката на апаратите за коцкање во вредност од скоро 12 милиони евра. Финансиската полиција соопшти дека биле порачани 825 апарати од кои инсталирани биле околу 300, а останатите се чувале во магацин.

„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво“, соопшти Обвинителството.

Се истражува и изнајмувањето на објектот во Визбегово. Државната лотарија 13 месеци плаќаше закуп на поранешен ресторан за свадби за што потроши 300 илјади евра. Вредноста на договорот помеѓу Лотарија и фирмата „Хеј Дооел“ беше во висина од 2,6 милиони евра за 10 години. Сопственик на фирмата и на објектот е Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски.

Минатиот понеделник, Груби се разбуди на црната листа на САД. Според Стејт департментот, тој и Апелациониот судија Енвер Беџети биле вмешани во корупција за да го спасат поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков од затвор.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се очекува предлогот на претседателката Сиљановска Давкова за нов гувернер

Дејан Дејан

Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарки – САД пресретнале разузнавачки информации

Дејан Дејан

Обилни дождови, големи поплави, луѓе на покриви – невреме долж источниот брег на Австралија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе