После десет ин витро оплодувања и десет спонтани абортуси, 61-годишна жена стана мајка. Таа го роди синот Петар со тежина од 2.350 грама и должина од 48 сантиметри. На Клиниката за гинекологија каде е родено бебето ја нарекуваат мајка хероина поради нејзината 37-годишна битка да се оствари во улогата на мајка. Во Македонија таа е највозрасната прворотка. Директорката на гинекологија Алексиоска вели дека во медицината веќе не постојат граници и медицината во нашата држава може да се мери со онаа од светски граници.
„Во светот на медицината не постојат граници, медицината во Македонија може да се мери со онаа од светски граници. Тоа го потврдува и раѓањето на бебето Петар кој на свет го донесе највозрасната пациентка во нашата држава“, изјави Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Мајката останала бремена со сопствената јајце клетка која била замрзната. Таа е оплодена со ин-витро процедура.
„Во тек на бременоста имала висок притисок и шеќерна болест, но остатокот од бременоста била уредна. Дојде со покачен притисок, но истиот кога го стабилизиравме одлучивме пациентката да ја завршиме со царски рез. Кај жената била направена ин витро фертилизација со нејзината сопствена јајце клетка којашто своевремено, уште кога почнала да има и да го третира својот проблем со инфертилитет истата ја замрзнала“, додаде Алексиоска.
Здравјето на мајката и бебето е добро. Тие денеска заедно со 65-годишниот татко си заминаа среќни дома, знаејќи дека се исполнил нивниот најголем сон.
Тамара Марковска