Во буџетот за наредната година не се предвидени 250 милиони евра за Општините. Од унгарските пари во државата каса за 2025 година проектирани се само 98 милиони евра за нивните проекти. Оваа сума ќе стои во пресметката барем до јуни, кога треба да се направи и ребаланс на буџетот. Ова во вчерашната „Топ тема“ го потврди и министерот за транспорт, Николовски.
Но, ова не е ниту половина од сумата која државата од унгарскиот кредит планира да заврши токму кај локалните власти за да реализираат проекти од кои корист треба да имаат сите граѓани. Сепак, Николовски е убеден дека средства ќе бидат целосно искористени.
„Сукцесивно ќе ги повлекуваме средствата како ќе се реализираат проектите, истите ќе ги надоместуваме во ребалансите на буџетот. Дали ние средствата ги имаме на располагање – ги имаме, дали ги имаме повлечено – ги немаме, зошто ги немаме повлечено, затоа што не се почнати да се реализираат проектите“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николовски во „Топ тема“.
И од буџетот може да се види дека за првиот повик во наредната година, унгарските пари за општините се распределени во шест министерства и вкупниот износ е над 6 милијарди денари или 98,3 милиони евра. Според експертите, распределбата на овие пари ќе мора да се одвива според различни критериуми од оние во септемврискиот повик, кога за 274 проекти беа обезбедени и поделени околу 66,6 милиони евра.
Тогаш стануваше збор за пари обезбедени со ребаланс на буџетот и за нивната примена беа направени наменски измени на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа за да се овозможи директно потпишување на договори со министерствата, односно Влада – Општина.
Пред неколку месеци државата се задолжи кај унгарската Влада со заем од 500 милиони евра. Половина од парите се за општините. Ова не е првпат да се вбризгаат свежи средства кај нив за да си ја подобрат состојбата.
Но, и покрај ваквите обиди, анализите на познавачите покажуваат дека се превработени, со накалемени долгови, без ревизија на работите, а најголем дел од нивниот буџет оди за плати. Другата половина од унгарските пари е за стопанството. Но, пласманот и на овие пари се искомплицира и сè уште се преговара.
Ирена Чачкова
