Ако дојде до поскапување на струјата, тоа би било до 3 отсто. Во услови кога цената на берзите расте, домашните капацитети не се во можност целосно да ги покријат потребите, ЕСМ не е во најдобра состојба и често се набавува електрична енергија, премиерот Мицкоски уверува дека ако има зголемување на цената за домаќинствата тоа би било незначително.
На регионалната берза ХУПЕСК може да се види дека деновиве повторно цените рушат рекорди. Во пикот достигнува и над 450 евра, приближно како во време на кризата. Според, најавите во петок ЕСМ треба да достави нова цена на тендерот на ЕВН ХОУМ, од која најмногу ќе зависи какви сметки ќе плаќаат граѓаните од јануари. Сега, мегават од електрани чини 60 евра, Мицкоски смета дека понудата би била меѓу 58 и 62 евра.
„Не очекувам да има зголемување од 10, 15 или 20 отсто како што е тоа случај со многу држави од регионот и Европа. Очекувам ако има да биде незначително од 1 до 2 проценти. Не очекувам поголемо до тоа да биде“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Од друга страна производната цена на ЕСМ е повисока и според последните анализи таа надминува 100 евра за мегават час. Од тука се поставува прашањето дали повторно вештачки ќе се држи ниско цената од компанијата, која е една од причините за состојбата во која денеска се наоѓа ЕСМ. Државата одлучи електрани сами да се справуваат, па затоа подигнаа кредит од домашните банки од околу 80 милиони евра. Мицкоски е оптимист дека состојбата таму за една година ќе се подобри и компанијата ќе излезе од минусот.
Останатите енергетски компании чии барања, исто така, влегуваат во крајната цена за домаќинствата доставија пресметки до Регулаторната комисија за енергетика. Бараат поскапување на нивната услуга од 50 до 80 отсто. Но, за првиот регулатор Бислимовски тие не се прифатливи.
Цената за пренос и дистрибуција треба да се донесе до крајот на овој месец, на струјата до крајот на годинава и да важи од 1 јануари.
Ирена Чачкова
