Високите побарувања на енергетските компании за Регулаторната комисија за енерегетика (РКЕ) не се прифатливи. Пред извесно време тие ги доставија своите пресметки до комисијата. МЕМО бара поскапување на цената на својата услуга за речиси 80 отсто, МЕПСО за околу 50 проценти. Ова се само дел од влезните параметри во новата цена на струјата. Но, каква ќе биде таа, најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН ХОУМ кој ќе биде објавен на 15 ноември, но и по која цена ќе се покриваат загубите на струја во Мепсо и Електродистрибуција.
Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски вели дека условите на отворениот пазар на електрична енергија во моментов се подобри за потрошувачите, па поради тоа малите фирми бегаат таму.
„Никогаш за РКЕ не биле прифатливи вакви високи барања, така да ги гледаме пресметките, но тоа нема да се случи во секој случај. Она што го гледаме сега како факт е дека голем број на мали потрошувачи се вратиле назад на слободниот пазар на електрична енергија што прави одредени притисоци на цената на електричната енергија. За другиот дел не би сакал да шпекулирам, бидејќи немаме податоци на цените по кои што ќе се купуваат загубите на струја и кај МЕПСО и кај Електродистрибуција, а дополнително и тендерот на Универзалниот снабдувач ќе биде следната недела“, рече Бислимовски.
Во моментов, ЕСМ својата струја ја продава на Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ по цена од 60 евра за мегават час. Премиерот Мицкоски денеска повтори дека не очекува да има поскапување на струјата од јануари.
Сè уште е неизвесно и кога граѓаните ќе добијат уште еден час плус дневна евтина струја. Односно наместо до 15, да биде до 16 часот. Работата за ова се искомплицира кога значително поскапе струјата во регионот во однос на цените кои ги имаше во другите држави од Европската Унија. Од Европската енергетска заедница посочија дека тоа се случило заради топлото лето, но и поради тоа што земјите во регионов не биле доволно енергетски поврзани. Бислимовски, пак, се сомнева дека ова се причините за разликата во цените.
Новата цена на струјата треба да се донесе до крајот на годинава, а да важи од јануари.
Ирена Чачкова
