Граѓани од Центар и Аеродром до Телма се пожалија дека во нивните станови од рано наутро нема воопшто парно и радијаторите им се студени.
„Наместо греење во недела кога е неработен ден, седиме на студено покриени со кебиња“, ни изјави телефонски еден жител на делот од Скопје кој остана со студени радијатори.
Други граѓани велат дека, освен утрово, и претходно имале проблеми со затоплувањето од ЕСМ Снабдување во овие делови на Скопје.
На веб страницата на ЕСМ снабдување не се соопштени никакви конкретни причини за овој прекин, туку со соопштение се информираат граѓаните „во моментов, поради технички дефект на системот за контрола и управување на дистрибутивниот систем, забележани се нарушувања во испораката на топлинска енергија во некои објекти“.
„Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина веќе се активно ангажирани на терен и работат на отстранување на дефектот и овозможување на нормалната испорака на топлинска енергија во најкраток можен рок. Сите ресурси се ставени во функција за брзо решавање на проблемот“, наведуваат во соопштението на веб сајтот без да се наведе кога ќе се пушти парното за измрзнатите граѓани.
