Милиони евра ја чини ЕСМ изгубен спор на арбитража. Поради ова расходите од поранешни години на компанијата лани пораснале за близу 8 милиони евра, пишува во финансискиот извештај на државните електрани за 2023 каде стои дека поради изгубен спор ЕСМ на компанијата БАБКОП треба да ѝ платат околу 6 милиони евра.
Станува збор за германска фирма, која беше ангажирана да направи ремонт на блоковите во РЕК Битола, но од ЕСМ оцениле дека има недостатоци. Според, информации модернизацијата се случувала во периодот помеѓу 2011- 2012 година.
Постапката на модернизација на два од блоковите (блок 2 и 3) извршена од страна на БАБКОК, од страна на АД ЕСМ е оценета дека има недостатоци и не ги дава посакуваните резултати, за што воопшто и не ја започнува постапката на модернизација на блок 1, се вели до дописот од ЕСМ.
За ова домашната ЕСМ и германска фирма одат на арбитражен суд, кој ја отфрла тужбата на ЕСМ, а делумно ја прифаќа против тужбата на БАБКОП и ја одредува сумата за исплата на штета во висина од 5, 8 милиони евра кои државните електрани имаат обврска да ги исплатат до крајот на 2025 година.
Одлуката, арбитражниот суд ја носи во 2021 година кога со ЕСМ раководи Васко Ковачевски.
Но, проблемите со блоковите не запреа. Изминатиов период можеше да се забележи дека централата или работеше со еден блок или пак беше целосно надвор од функција.
Паралелно постојано се купува електрична енергија. Од почетокот на август до сега објавени се неколку повици за набавка на струја и тоа по цени кои достигнуваа и до 150 евра.
Од извештајот може да се види и дека минатата година значително пораснале и трошоците за привремени и повремени работи од агенции.
Така на пример трошокот за ангажирање работници од Агенција за вработување во РЕК Битола бил зголемен за над 3 милиони евра. Но, интересно е и што за истата работа се одвојуваат значително повеќе пари и за ТЕЦ Осломеј, централа која е стара со децении често има проблеми и многу ретко е во функција.
ЕСМ компанијата која важеше за една од најомилените за работа веќе подолго време има проблеми со ликвидноста. Во документ до кој пред неколку месеци дојде КОД пишуваше и дека државните електрани доцнат со исплата на обврски и тоа повеќе од 90 дена. А за да може подобро да се справува со кризата во која се најде секторот за финансии презел и соодветни мерки.
Ирена Чачкова
