Листата на должници од финансии ги извади на површина пропустите на некои јавни претпријатија. Откако Телма објави дека според овој документ Комуналец Гостивар заклучно со јуни има долг од 100 милиони евра со кој се најде на врвот, од претпријатието излегоа со тврдење дека износот не е точен, сумата е многу помала – изнесува околу 3, 6 милиони евра и дека имаат пропуст во својата финансиска евиденција.
Но, интересно е што дописот во кој објаснуваат дека станува збор за нивна грешка беше насловен како ДЕМАНТ и во истиот пишува дека се појавиле лажни вести за долг кој му се препишува на Јавното претпријатие Комуналец Гостивар.
Износот наведен во овие вести не ја покажува точно финансиската состојба на ЈП „Комуналец“ и е резултат на пропуст во евиденцијата на финансиските обврски на компанијата. Транспарентноста и точноста се многу важни за нас, секторот за финансии ја поправи грешката и ќе се погрижи да не се случуваат такви грешки во иднина и ќе продолжиме да ѝ даваме на јавноста точни и проверени информации, се вели во допсиот од Јавното претпријатие -Комуналец Гостивар
Демант до Телма стигна и од Министерството за правда. На листата стој дека тие имале долг од 6 милиони евра. Од министерството тврдат дека станува збор за средства кои им се исплаќаат на политичките партии и дека се исплатени на 4 јули. Но, на листата јасно стои дека станува збор за долгови за вториот квартал односно заклучно до 30 јуни.
На листата на финансии за доспеани, а не платени обврски долга повеќе од 30 страни се најдоа доста Општини, Јавни претпријатија, министерства, училишта, клиники.
Инаку, бројките во оваа листа се пресметани врз основа на податоците за доспеани неплатени и недоспеани обврски кои самите субјекти ги пријавуваат преку системот ЕСПЕО на Министерството за финансии.
Според, законот субјектите се должни до финансии обврските да ги пријават најдоцна до десетти во месецот за претходниот, ако не го сторат тоа предвидени се глоби.
Извештаите се квартални, а Министерството за финансии ги објавува со години.
Ирена Чачкова
