Пругата кон Солун и за Србија ни е попотребна, а не е важно дали ЕУ ќе ги пренамени парите од пругата кон Бугарија или ќе ни овозможи нови средства, министерката за финансии Кочоска се приближи до ставовите на премиерот Мицкоски. Во интервјуто за Македонско радио, Кочоска вели дека целта е да се обезбедат пари за пругата кон Солун, а пренамената на парите од другиот коридор е само една од можностите. Во пракса, врз заемите од Европските фондови речиси никогаш не се врши пренамена туку парите едноставно се повлекуваат.
Откако минатата недела на брифинг со новинари министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска порача дека не може да се пренаменат, кредитите и помошта која ЕУ и Европската банка го даваат за изградна на железничкиот коридор 8 односно пругата кон Бугарија, таа денеска со ново објаснување кое е многу поблиску до ставот на премиерот Мицкоски, министерот за транспорт Николоски и пратеникот Бране Петрушевски.
Тројката од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека пругата е скапа, а тие пари требало да се пренаменат за пругата кон Солун. Министерката мислеше поинаку за пренамената, а денеска со нова преправка на ставот- вели дека ако се даваат пари за тоа треба да се помогне и за реконструкција на пругата кон Грција и кон Србија.
-Суштината е да ги добиеме истите услови и средства, како за Коридорот 8, само за друг проект. Крајната цел е да ги обезбедиме истите средства за пругата од Коридорот 10, како за пругата од Коридорот 8. Ирелевантно е на кој начин ќе се изразуваме. За граѓаните е важно и суштински што ќе добијат, односно да добијат проект, проект кој ќе има додадена вредност, да им заштедиме пари, бидејќи другиот проект од Коридорот 8, завршува во ткн. слепа улица, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии во интервју за Македонско Радио.
На граѓаните и на компаниите не им е битно дали станува збор за апликација за нов кредит или пренамена на стар кредит, туку им е важно да имаат подобри и поевтини услуги и побрз транспорт на стоки до пристаништето во Солун, смета Кочоска.
Пругата кон Бугарија е дел од Примарната карта на европските транспортни коридори на Европската Унија, а исто така е дел и од таканаречениот НАТО Коридор за мобилност. Пренамена на парите од ИПА фондовите и европската банка е речиси невозможна мисија и тие средства, стотици милиони евра може да се изгубат доколку не се користат за железничкиот коридор 8.
Миомир Серафиновиќ
