Активно беше на граничните премини во речиси сите европски држави. Почна дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот. Сите добија еднаква количина од 9.750 дози. Утрешниот ден е договорен за почеток на масовната вакцинација во ЕУ, а први во редот се луѓето во домовите за стари лица. Доволно вакцини има за сите 450 милиони граѓани на ЕУ, рече и претседателката на ЕК во видео порака. Европските денови на вакцинација, од 27 до 29 декември, ќе бидат емотивен момент на единство и европски успех, рече Фон дер Лејен.
Нашиот европски ден на вакцинација е емотивен момент на единство. И европска успешна приказна. Наскоро ќе имаме и други вакцини кога ќе се докаже дека се ефикасни и безбедни. ЕУ обезбеди доволно дози за целото население од 450 милиони луѓе. но исто така обезбедивме вакцини и за нашите соседи, како Исланд и Норвешка, почата Фон дер Лејен.
Првите дози на Фајзер се дочекаа со олеснување. Се е подготвено за утрешниот старт, а секоја држава одделно одлучува кој прв ќе биде вакциниран.
Во овој момент, камионите се на пат низ цела Европа и цела Германија и нејзините сојузни држави за достава на првите вакцини. Од задутре следува и поголема достава. Оваа вакцина е клучот во одбраната од оваа пандемија, клучна за да си ги вратиме животите назад, изјави министерот за здравство на Германија, Јенс Шпан.
Но, неколку часа пред да пристигнат првите дози, Франција јави дека и кај нив е детектиран новиот вид на коронавирусот. Човекот е асимптоматски, но се вратил од Лондон, каде новиот мутиран вирус неконтролирано се шири и ја принуди В.Британија да влезе во нов карантин. И шпанските власти јавија за нови 4 случаи од новата инфекција. И тие се вратиле од Велика Британија. Досега новата зараза е потврдена во осум европски држави, но и во 50 други низ светот. Иако се шири за 70% побрзо, производителите на вакцината против ковид уверуваат дека тие ќе бидат ефикасни и против новата негова мутација.
Вакцините му нудат на светот излез од оваа трагедија, но ќе биде потребно време да се вакцинира целата популација. Посебно поради фактот што богатите земји ги купија првите дози од одобрените вакцини, а за сиромашните не остана речиси ништо. Токму во таа насока беше и божикната порака на папата. Ги повика сите лидери на соработка, а не на натпревар. Да се најде решение за сите ранливи да ја добијат толку потребната вакцина.
Алиса Шутиноска