Вести Македонија Топ вести

Мицкоски го обвини Груевски дека носел УСБ-а со документи во кабинети на функционери на ДУИ за непринципелни договори, се пофали дека тие го „пензионирале“ СЈО

Мицкоски раскрстува со својот претходник кој го предложи за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Од отворена сцена во Велес, пред партискиот подмладок, во неколку минути го обвини Никола Груевски дека преговарал за сопствената судбина со ДУИ и СДСМ во пресрет на уставните измени.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не ја барал битката со Груевски, но сега смета дека тој не е на иста страна со народот.

-Не можам никако да разберам како воопшто е возможно да се уортачи било кој со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични, прогони и предавства кои се случија на Македонија.  Да дели УСБ-а и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори. Ја сфаќам и неговата тешка судбина, но пеколно е сознанието дека зад завесата се прават валкани планови за кои цената би требало да ја плати друг, рече Мицкоски.

Како доказ на обединувањето на партијата, меѓу присутните имаше и луѓе кои претходно отворено го поддржуваа Груевски и го посетуваа во Будимпешта. Таму Груевски е бегалец-азилант и веќе преку Фјесбук е во отворена војна со лидерот кого тој го предложи.

Мицкоски во говорот за своето претседателство на ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека го пратил Заев во политичка пензија, но исто така оцени дека партијата го пензионирала и СЈО, чии обвиненија сега се пред застарување поради измените на Кривичниот законик.

-Го пративме во пензија  СЈО и обвинителите криминалци кои го прогонуваа ВМРО-ДПМНЕ и секој еден член во ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски по што присутните партиски членови ракоплескаа.

За периодот кога станал претседател, Мицкоски рече дека биле меѓународно излоирана партија со замрзнат имот. Но причините за изолацијата и за замрзнувањето на Белата палата не ги соопшти.

-Бевме среќни ако некој по ходници здраво ни направеше. Тоа беше реалноста таа зима 2018-ма, се пожали Мицкоски. 

Во говорот Мицкоски уште еднаш повтори дека партијата нема да поддржи уставни измени и оптимистички порача дека ќе победат на наредните избори по што ќе се посветат на економијата и на борбата против корупцијата и криминалот.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рубикон си наплаќал по тендери и со одземена лиценца

Дејан Дејан

Два онколошки лека префрлени од болничка во примарна позитивна листа

Дејан Дејан

Дигитален упис во средно догодина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе