Вести Македонија Топ вести

Мицкоски: Реконструкцијата на Владата до први јули во Собрание

Во следните десетина дена треба да биде заокружен новиот владин мозаик, а до први јули списокот со кадровски освежувања ќе се најде во законодавниот дом. Ова денеска го најави премиерот Мицкоски, среде средбите со владините коалициски партнери. Вчера зад затворени врати се сретна со лидерите на Вреди, Касами и Меџити, а денеска на ред е средбата со Димитриевски и делегацијата на ЗНАМ.

„Во интерес на процесот не би зборувал премногу околу конкретни кадровски решенија, имиња и слично. Се разгледуваат секакви опции. Во добра, пријатна атмосфера беше вчера состанокот. Се разгледуваат опции за промена на ресори, така што мислам дека многу брзо ќе го затвориме овој прв дел од процесот во условно кажано првиот ешелон. Ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и слабости, се разбира. Така што до крајот на следната недела, како што кажавме и до крајот на јуни да сето ова го формализираме и најдоцна до први јули списокот да се најде во Парламент пред парламентарците“, порача премиерот Христијан Мицкоски. 

Мицкоски не коментира дали се разговара за опцијата министерот за здравство Азир Алиу да ја заземе позицијата на вицепремиерот Арбен Фетаи, за што брифираа партиски извори за Телма. Детали околу кадрите ќе има штом се постигнат договорите, а засега извесно е само дека вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе нема да биде дел од владиниот кабинет, откако е прифатена неговата оставка.

Разнишана е и фотелјата на министерот за социјална политика, Лимани, кој ја напушти Вреди. Тој тврди дека со премиерот воопшто не разговарал за реконструкцијата.

„Верувајте дека не сум зборувал за оваа тема и нема ниту да зборувам. И ако денеска завршува мојот мандат, јас мислам дека повеќе треба да се насочиме на тоа што направивме ние за доброто на оваа држава и народот, без разлика на тоа која е цената што треба да ја платиме“, вели министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. 

Од опозицијата и денеска со реакција до власта. СДСМ вчера ја нарече реконструкцијата „козметичка операција“, а денеска велат дека ова е само нов театар на власта.

„Како да постои некаква разлика, со оглед на тоа што Мицкоски сѐ води сам, исто како и во својата партија. Реконструкција без вистински реформи, без одговорност и без промена на курсот е само нова шминка. Граѓаните не сакаат „нови“ министри кои ќе продолжат со истата политика на долгови, изолација и сиромаштија“, велат од СДСМ. 

Пред неколку дена на прославата за 36-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата и премиер Мицкоски, јасно порача дека не е задоволен од работата на дел од функционерите. Министри и директори се оддалечиле од граѓаните и станале недостапни, оцени премиерот и децидно кажа дека има нулта толеранција за неодговорност.

Денеска, најави дека по реконструкцијата на Владата, ќе следат промени и во другите структури на локално ниво, во делот на директори на јавните претпријатија коишто не сработиле доволно.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Без нови првачиња и шестоодделенци во ООУ „Гоце Делчев“

Дејан Дејан

Сончево и топло – Временска прогноза за 21.6.2026

meteo

Во Тетово некои улици осветлени и дење, други со денови во темнина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе