Заврши јавната расправа за Предлог-законот за игри на среќа, при што приредувачите и вработените предупредија дека измените се „политички популизам“ и дека можат да доведат до затворање на околу 10.000 работни места и раст на сивата економија. Тие апелираа до пратениците да формираат мешовита работна група која во краток рок би изработила ново законско решение усогласено со европските стандарди.
Државата си создава подобри услови за себе отколку за сите останати. Замислете, утре државата да донесе закон според кој една банка ќе плаќа помал данок од другите банки. Никој не би го прифатил тоа. Како може државата истовремено да биде и судија и натпреварувач во ист меч? Како може државата сама да ги пишува правилата и истовремено сама да биде фаворит? Тоа не е европски принцип, тоа не е слободен пазар, тоа не е уставно гарантирана еднаквост“, рече Васко Илијевски Претседателот на АСОМ.
„Зарем, критичарите навистина веруваат дека приредувачите на игри на среќа сакаат да профитираат или да се збогатат од скромниот младински џепарлак, што вообичаено младите тинејџери го добиваат од родителите? Тоа е комплетна илузија“, вели Горан Стоименов, претставник на АПИС
Од друга страна, директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, вели дека државата има право да воспостави посилен надзор и дека целта е средствата од игрите на среќа да завршуваат во буџетот, а не кај странски компании.
„Едно истражување канадско од Универзитетот во Торонто – Интернет игрите создаваат најголема зависност, затоа државата треба да ги стави овие видео игри под своја капа. Тие се достапни 24 часа, без физичко присуство и со значителен поголем ризик од злоупотреби, перење пари, користење други идентити и пристап на малолетници. Поради тоа државата има легитимно право да воспостави повисоко ниво на контрола преку субјект кој е во нејзина сопственост и кој работи директно под институциналниот надзор на државата, a тоа е Државна Лотарија.. Ќе се постави прашањето дали е ова монопол. Да, е монопол, и да, е државен монопол и тој не е забранет. И денеска постојат дејности кои што се резервирани за државата или строго лиценцирани субјекти“ рече Александар Климовски директор на Државна лотарија на Македонија
Вработените во игрите на среќа се заложници на политички одлуки и со години живеат во неизвесност, предупредуваат од Здружението „Сакам да работам“.
„Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека може да печалат гласови преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч, неизвесност, заедно со нашите семејства се тресеме дали ќе останеме на улица, со нецелосно исплатени кредити, со активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство„, рече Стеван Крстевски Здружение „Сакам да работам“
Забелешките се анализираат и ќе се ревидираат доколку придонесуваат за подобрување на јавниот интерес. Надлежните посочуваат дека при изработката на законот е земен предвид и ризикот од затворање работни места, особено поради одредбите за оддалеченост на објектите.
„При подготовка на законот ние ова го имавме во предвид и креиравме едни преодни одредби коишто на приредувачите на игри на среќа ќе има дадат доволно време и правна предвидливост да преземат активности за дислоцирање на своите деловни простории кои што се во близина непосредно пред училиштата и градинките. Што значи дека ние овде го имавме пред се јавниот интерес на младите како позначаен, отколку да не ме сфатите погрешно отколку приредувањето на игри на среќа да биде директно кај очилиштата“, рече Андриана Матлиоска државен секретар во министерство за финансии
На расправата учествуваа и претставници на граѓански организации и медиуми. Се очекува наредната недела да има амандманска расправа и второ читање на предлог законот за игри на среќа. Новото законско решение предвидува воведување построги правила и ограничувања, меѓу кои задолжително растојание од 500 метри од образовни установи, засилени контроли и нови рестрикции во делот на рекламирањето.
Симона Петреска
