Вести Македонија Топ вести

Андоновски: До 2027 година Македонија целосно ќе се поврзе со Европскиот дигитален паричник

Македонија си постави амбициозна цел – до крајот на 2027 година да биде целосно интероперабилна со европскиот дигитален паричник. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на Телма, истакна дека фокусот е ставен на олеснување на секојдневието на граѓаните преку дигитализација на личните документи и воведување на електронски потпис.

Според министерот, веќе е поставена законската основа за овој процес преку измените во Законот за електронска идентификација и доверливи услуги.

  • „За прв пат утврдивме што е тоа дигитален паричник. Таму стојат информациите дека и личната карта, и возачката дозвола, дипломите, потврдите и изводите во електронска форма се признаени. Наша обврска е до крајот на 2027 година да бидеме целосно поврзани со европскиот систем“, изјави Андоновски.

Тој најави дека следната надградба на апликацијата ќе вклучува и електронски потпис, што ќе овозможи граѓаните да завршуваат голем дел од административните обврски без физичко присуство на шалтерите.

Иако законската рамка постои, министерот признава дека најголемиот предизвик не е технологијата, туку отпорот кај администрацијата и „традиционалниот“ начин на работа.

  • „Проблемот не е технички, туку човечки. Најчесто потекнува од вработените во администрацијата. Имаме менталитет кој вели: ‘Ние сега ќе се дигитализираме, ама кажете им на луѓето пак на хартија да ни ги носат податоците’. Тоа е култура на ‘си работевме вака досега, зошто да менуваме’“, дециден е министерот.

Тој додава дека е потребно т.н. „change management“ или управување со промени за да се надмине овој внатрешен отпор во институциите.

Во моментов, на националниот портал се достапни 326 услуги, што е значителен
скок во однос на претходните години, но амбициите се поголеми.

  • „Наша обврска е до јуни следната година да стигнеме до 400 услуги на порталот. Системите постојат, не треба да се измислува топла вода или да се плаќаат надворешни компании. Потребна е само желба и дедицирани ресурси од секоја институција поединечно“, истакна Андоновски.

Министерот упати повик до сите институции да одредат буџет и луѓе кои ќе го истуркаат овој процес до крај, нагласувајќи дека Министерството за дигитална трансформација ги става на располагање сите свои ресурси за да се постигне крајната цел – модерна и дигитализирана Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Андоновски: Подготвуваме „компактен“ закон за ВИ и македонски јазичен модел кој ќе го чува нашиот дигитален идентитет

Mirjana Joveska

МВР: Пронајден и лишен од слобода сторителот кој денеска опожари две возила пред Бугарската Амбасада

Mirjana Joveska

Kој ја запали новата „искра“ на релација Скопје-Софија? – сред бел ден опожарени две возила на бугарската амбасада

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе