Две дипломатски возила од марките „Киа“ и „Сузуки“ беа опожарени пред Бугарската амбасада во Скопје, откако непознато лице, според првичните информации, подметнало пожар на едното возило, по што огнот се проширил и на второто.
Според сознанијата, сторителот најпрво полил запалива течност врз едно од возилата и го запалил, а потоа избегал од местото на настанот.

Полицијата презема мерки за негово пронаоѓање и за целосно расчистување на случајот.
Во инцидентот нема повредени лица, но причинета е материјална штета на двете дипломатски возила.
- Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите. Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран.Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите, велат од владата.
Од Министерството за внатрешни работи засега не откриваат повеќе детали за можните мотиви, додека истрагата треба да утврди дали станува збор за намерно подметнат пожар насочен кон дипломатски имот или за изолиран криминален чин.
На местото бил извршен увид, а по насоки на надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни активности за расветлување на настанот.
Симона Петровска
И бугарската агенција БГНЕС овјави за запалените автомобили на бугарската амбасада во центарот на Скопје.
Во веста се вели дека ова ги покренува прашања поврзани не само со безбедноста на дипломатските мисии, туку и со пошироката политичка и регионална ситуација.

- Случајот не се однесува само на безбедноста или недостатокот од неа на дипломатски објекти, кои според меѓународните норми бараат засилена заштита од страна на земјата домаќин. Фактот дека нападот е извршен, а сторителот не е приведен (уште еднаш) покренува прашања не само за ефикасноста на превентивната контрола во рамките на периметарот на мисијата, туку и за вистинските намери на властите во Скопје. Инцидентот се случува во услови на агресивна политичка реторика од Северна Македонија кон Бугарија, што дополнително ја зголемува чувствителноста на сериозниот случај. Користениот метод на запалување сугерира претходна подготовка, се вели во веста објавена од BGNES. Еве го и видеото
