Новиот Изборен законик ќе биде подготвен без СДСМ, доколку продолжат да не доаѓаат на средбите на работната група, но изгласувањето сепак ќе зависи од нив, најави денеска премиерот. Тоа е еден од неколкуте закони кои е можно да се блокираат со амандмани, процес познат и како „филибастеринг“.
„Изборниот законик ќе биде подготвен од партиите кои учествуваат во работната група, но кога ќе влезе во Собрание, може да биде блокиран од СДСМ, доколку одлучат да не го гласаат. Според новиот деловник, тој е еден од неколкуте закони за кои е можен филибастеринг. Сепак, ќе биде усогласен и без нив, а ќе се обидеме да постигнеме и консензус со нив, и доколку постои волја, има и начин да се заврши процедурата пред крајот на јуни“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Изборниот законик е дел од реформските закони кои треба да бидат изгласани до јуни, во спротивно државата ќе изгуби пари од ЕУ.
Претставниците на СДСМ ја напуштија работната група во Министерството за правда, во знак на револт поради укинувањето на техничката влада, но останатите членови продолжија со работа и без нив. На последниот состанок беше постигнат договор за измена на 10 членови, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
Усогласени се членовите кои се однесуваат на користењето на буџетски средства на институциите во изборната кампања, користењето на службени профили на социјалните мрежи за време на избори и кампања, огласите и постапките за вработувања, како и за изземањето на лица со специфични професии од изборниот процес, како на пример, медицински лица.
Следната средба би требало да се одржи на 20 мај.
Далиборка Демјанска Цветановска
