Во тек е вториот обид за избор на фирма која ќе ја гради современата фабрика за отпад кај светиниколското село Мечуевци, каде ќе се селектира и депонира отпадот од 18 општини од Источниот и Североисточниот регион. Се разгледуваат понудите од компаниите кои се јавиле на тендерот, а распишан е на 15 декември лани. Очекувањата се дека постапката ќе биде успешна и ќе заврши до крајот на летото.
„Во моментот се работи на евалуација на понудите на распишаниот тендер околу изборот на изведувач на регионалната депонија. Се надевам дека таа постапка ќе заврши успешно, бидејќи претходно имавме една неуспешна постапка и доколку се биде во најдобар ред до крајот на летото ќе се избере изведувач и веднаш потоа ќе се започне со изградба на регионалната депонија“, вели преседателот на Советот на градоначалници на ИПР, Тони Тоневски.
Осумнаесетте градоначалници од двата региона дале зелено светло за формирање на Комисија, која ќе направи пресметка колку пари по глава на жител ќе издвојуваат за да почне со работа јавното претпријатие кое ќе управува со современата депонија. Пресметката треба да се презентира до 21 мај во Куманово. Во ова претпријатие треба да се вработат од 120 до 130 лица.
„Се надевам дека во оваа фаза со новиот состав на градоначалниците и во двата региона ќе наидеме на разбирање да помине и да мрдне од мртва точка самиот проект. Инаку бенефитите се големи, затоа што прво ќе имаме една ваква организирана фабрика со регионална депонија којашто предвидува изградба на трансфер станици во поголем број на општини во двата региони“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Со изградбата на современиот систем за управување со отпад и претоварните станици низ општините, ќе се реши проблемот со депонирање на сметот за околу 370.000 од истокот и североистокот. Изградбата се очекува да трае околу една и пол година, средствата од над 40 милиони евра се обезбедени од фондовите на Европската унија.
Викторија Јованова
