Преговорите меѓу САД и Иран за крај на војната на Блискиот Исток влегуваат во клучна фаза. Портпаролот на иранското МНР порача дека раководството на земјата е единствено и фокусирано на трајно решение, Трамп, пак, тврди дека е расцепкано и оти на Техеран му преостанале многу малку работи. Порача дека во секој момент очекува одговор од Иран за најновиот предлог на Вашингтон.
„Ќе видиме што ќе се случи. Видете, немаат војска. Не им остана многу. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Примирјето меѓу САД и Иран се уште е на сила додека во позадина работи т.н. „тивка дипломатија“. Светот, пак, е во исчекување на конкретни резултати за крај на тензиите на Блискиот Исток кои продуцираа и глобална криза.
„Во сегашните околности, нашиот фокус е на она што е важно за нас самите, како и за регионот и меѓународната заедница, а тоа е ставање крај на наметнатата војна. Нашиот предлог предвидува дека, без разлика дали врз основа на или по прекинот на огнот, наметнатата војна мора да заврши на сите фронтови“, порача Есмаил Багеи, портпарол на иранското МНР
Државниот секретар го предупреди Иран да не гаѓа американски поморски средства. На Техеран му порача дека црвената линија е јасна и оти САД ќе возвратат на секој напад.
„Ако пукате во брод на американската морнарица, што треба да правиме, да речеме „ох, има прекин на огнот, нема да го собориме вашиот дрон“. Тоа е глупаво прашање. Тоа е глупава позиција. Секако дека возвративме кон нив. Тие пукаа кон нас. Тоа е она што би очекувал да го направите. Само глупавите земји не возвраќаат кога ќе ве пукаат. А ние не сме глупава земја“, истакна Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во ек на т.н. „тивка дипломатија“, Иран продолжува со контрола на Ормускиот Теснец, а САД со блокада на иранските пристаништа, како алатка за притисок врз Техеран да ги прифати условите на Вашингон. Поморска рута е стратешки важна и низ неа минуваат околу 20 отсто од светската нафта и течен природен гас. Неговата блокада доведе со драстичен скок на цената на енергенсите. Трамп минатата недела почна за набрзо потоа да ја запре американската воена операција за ослободување на околу 2.000 пловни објекти кои се „заробени“ во Теснецот од февруари.
Сашко Димовски
