Американско-израелската војна против Иран, покрај огромната материјална и финансиска штета во исламската република, арапските земји сојузници на САД, предизвика и глобални проблеми откако иранската револуционерна гарда го блокираше транзитот на нафта низ Ормускиот теснец.
Растот на цената на нафтата на светските берзи доведе до пореметувања ширум светот.
Обичните луѓе и во земјите кои не се дел од војната, се принудени да ја плаќаат цената на конфликтот, со зголемените трошоци – но некои компании забележуваат огромни профити, особено оние на кои нестабилната цена на енергенсите им овозможува рекордно висока заработка.
НАФТА И ГАС
Најдиректното и најголемото економско влијание од војната досега е растот на цените на енергенсите. Околу една петтина од светските нафта и гас се транспортираат низ Ормускиот теснец, но сите тие испораки практично запреа на крајот на февруари, откако исламската револуционерна гарда целосно го блокираше транзитот.
Иако ова доведе до голема нестабилност на пазарите на енергенсите, тоа е одлична вест за најголемите светски нафтени и гасни компании.
Главни добитници се европските нафтени гиганти, кои имаат трговски одделенија и успеаа да профитираат од наглите промени на цените.
British Petroleum соопшти дека ги зголемил своите и онака огромни профити, повеќе од двојно, на 3,2 милијарди долари за првите три месеци од годината, благодарение на, како што компанијата наведе, „исклучителни“ резултати во трговскиот сектор.
Уште еден британски нафтен гигант, компанијата Shell исто така ги надмина очекувањата и пријави раст на профитот во првиот квартал на 6,92 милијарди долари.
Уште еден нафтен гигант, компанијата Total Energies, со седиште во Париз, забележа раст на профитот од речиси една третина – на 5,4 милијарди долари во првиот квартал од 2026 година – поттикнат од нестабилноста на пазарите на нафта и енергија.
Американските гиганти ExxonMobil и Chevron забележаа пад на заработката во споредба со истиот период лани поради нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток, но сепак ги надминаа прогнозите на аналитичарите и очекуваат дополнителен раст на профитот во текот на годината, бидејќи цената на нафтата останува значително повисока отколку пред почетокот на војната.
ГОЛЕМИТЕ БАНКИ
Moжеби американските нафтени компании заостануваат зад профитот на британските, но затоа заработката на шесте најголеми американски банки е убедливо најголема.
Трговскиот сектор на JP Morgan Chase пријави рекордни профити од 11,6 милијарди долари во првите три месеци од оваа година, што всушност претставува втор најголем квартален профит на банката во нејзината историја.
Значително зголемување на профитите во првиот квартал имаат и останатите најголеми американски банки – Bank of America, Morgan Stanley, Citigroup, Goldman Sachs и Wells Fargo.
Вкупно, овие банки пријавиле 47,7 милијарди долари профит во првите три месеци од 2026-тата година.
Најголемите банки од Волстрит профитираат од зголемената побарувачка за тргување, бидејќи инвеститорите брзаа да се ослободат од поризичните акции и обврзници и да ги префрлат средствата во побезбедни инвестиции.
Обемот на тргување дополнително пораснал бидејќи инвеститорите се обидувале да профитираат од нестабилноста на финансиските пазари.
Дел од инвеститорите продавале акции заради стравот од нова ескалација, додека при падот на цените, други инвеститори купувале повеќе, поттикнувајќи го растот на пазарот.
Одбранбената индустрија
Една работа за која нема никакви дилеми е дека во секоја војна, без разлика кој победува на фронтот, финансиски триумфираат компаниите од одбранбениот сектор.
Бидејќи станува збор за војна која пред сѐ се води со проектили, ракети и дронови, во прв ред дојде до израз потребата од силни системи на противвоздушна одбрана, инвестиции во ракетната одбрана и нападите со дронови.
Исто така војната доведе и до потреба од обнова на резервите на оружјето кое не се штедеше, што ја зголеми побарувачката.
BAE Systems, британската компанија што произведува компоненти за борбениот авион Ф-35, во трговското ажурирање во четвртокот соопшти дека очекува силен раст на продажбата и профитот оваа година.
Компанијата наведе дека растечките „безбедносни закани“ ширум светот ги тераат владите да ги зголемат трошоците за одбрана.
Рекордно големи нарачки и профити за првиот квартал од оваа година, пријавија и трите најголеми американски компании во одбранбената индустрија –Lockheed Martin, Boeing и Northrop Grumman.
Никола Илиевски
