Барање за исклучување на јавноста побара Ивана Коцевска адвокатка на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко во судењето за „Пулс“. Причината за таквото барање се заканите по животот на Јованов Деко на минатото рочиште. Дел од оштетените – родители на починатите деца, додека се бараше укинување на притворот на Јованов Деко, реагираа бурно извикувајќи „пуштете го, ние да му пресудиме”.
“Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста, со оглед дека Судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите”, рече Коцевска.
Судијката Дијана Груевска Илиевска не го прифати барањето бидејќи не станува збор за јавност туку за оштетени во случајот.
“Прво ќе се опоменува, потоа ќе се исклучува и казнува. Се знае кога се исклучува јавноста, а тие во овој период не се јавност, туку оштетени во постапката. Ако има потреба може индивидуално да се исклучува”, изјави судијката.
Одбраната на Јане Јанчевски и Мартин Ѓоргиев поднесе барање за укинување на мерката куќен притвор.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица, е во фаза на изведување на докази.
Денешната расправа продолжува си сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
Марија Митевска
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
