Вести Македонија Топ вести

Штипскиот матурант Даниел Христов се врати со бронзен медал од Менделеевата олимпијада по хемија во Москва

Бронзениот медал на најпристижната олимпијада по хемија, Менделеевата, која годинава се одржа во Москва, Русија е успех со кој на еден убав начин се заокружува средното гимназиско образование, вели штипскиот матурант Даниел Христов пред камерата на Телма. На хемијата и на природните науки е посветен од мали нозе, а за ваквите меѓународни олимпијади треба да се има континуитет во знаењето и да си посветен на науката и на сите нови научни истражувања. Покрај теоретското знаење, овој млад истражувач за Менделеевата олимпијада морал и неколку месеци да патува до Институтот за хемија во Скопје за да биде спремен и за експерименталниот дел.

„Хемијата отсекогаш ме фасцинирала и ми била интересна. Ми биле интересни хемиските реакции, како може од едно да се дојде до друго, ме интересирало и поради тоа што има многу голема примена во секодневието. Всушност многу процеси се темелат на принципите на хемијата, без разлика дали ние сме свесни за тоа или не. Исто така, хемијата ми е многу интересна, затоа што многу сакам да изведувам експерименти во лабораторија и кога сум во лабораторија, времето ми поминува многу брзо, без да осетам“, вели Даниел Христов, носител на бронзен медалист на Менделеевата олимпијада по хемија.

Во моментов на Даниел му е цел да ја положи државната матура. Во меѓувреме конкуруира и на неколку престижни факултети во Велика Британија, во Холандија, во Италија, во Унгарија, во Словенија и во Австрија. За пет години се гледа во лабораторија како научник. Смета дека Вештачката интелегенција, која зема голем замав во одредени струки, нема да се случи во областа на хемијата. Засега се пронаоѓа во областа на синтетичката хемија.

„Моментално во главата ми е дека ќе продолжам да работам нешто поврзано со синтетизирање на лекови или нешто слично. Меѓутоа има време до самиот момент кога јас ќе почнам да работам. Но, се надевам дека ќе работам во лабораторија“, додава Христов. 

Даниел има учествувано на безброј државни и меѓународни натпревари. Не му е прв медал, од државата добива месечна стипендија како мотивација и валоризација на неговото знаење и успеси. Годинава ќе аплицира да добие и стипендија за медалисти. Неговите професорки по хемија во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ се горди на успехот на Даниел.

„Задоволство е да се работи со такво дете кое е талент по сите наставни предмети. Меѓутоа неговата љубов кон хемијата се издвојува за разлика од другите предмети. Неговата љубов по предметот хемија започнува уште од основно училиште и се надополнува во текот на неговото гимназиско образование во нашето училиште“, вели Виолета Георгиева, професорка по хемија во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип.

„Ние веќе наназад четири години имаме учесници од нашето училиште токму на хемиските олимпијади што се одржуваат во светски рамки. Тие ученици го составуват тимот на државата. Минатата година тројца наши ученици беа дел од петчлениот тимот, меѓу кои беше и Даниел Христов и минатата година еден од нашите ученици Марио Ванчовски се врати со сребрен медал. Оваа година на наше големо задоволство Даниел е наш матурант“, истакна Весна Ристова, директорка на гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип.

Македонските генијалци по хемија, математика, останатите природни и општествени науки се враќаат со медали и големи успеси, а на секој натпревар го виорот македонското знаме.

Викторија Јованова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Втора победа на Ѓорческа во квалификациите за Вимблдон, ја дели уште една до главниот турнир

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе