ЕСМ лани произвел најмалку струја во последната деценија, пишува во најновиот извештај на Регулаторната комисија за енергетика. Иако, се најавуваше дека ќе се зголеми ископот на јаглен од домашните рудници, со план во 2025 година да се произведат близу 4.000 гигават часови, енергетските капацитети на ЕСМ успеале да испорачаат многу помалку – 3.243 гигават часови електрична енергија.
Ова е 9,2 отсто помалку од 2024, а во однос на 2016 година производството на струја од државните електрани е скусено за над 24 проценти. Во извештајот стои дека лани помалку струја испорачале и термо и хидроцентралите.

Од Електрани за Телма пак тврдат дека има две причини за ваквата состојба – ремонтите на блоковите и лошиот хидропотенцијал.
Примарната причина е значително продолжениот период за ремонт на сите три термоблокови, процес кој се реализираше од април 2025 заклучно со јануари 2026 година. Иако, АД ЕСМ постави амбициозен план, при отворањето на блоковите со започнување на ремонтните активности, деталните дефектажи укажаа на многу полоша состојба на истите, од претходно очекуваната. Поради сериозноста техничките интервенции кои вообичаено траат од 45 до 60 дена, мораа да бидат пролонгирани на период од 90 до 120 денови. Исто така, во првиот квартал од минатата година, влеговме со екстремно низок хидропотенцијал и речиси празни акумулации, велат од ЕСМ
Уште на почетокот на минатата година, се соопшти дека во првиот квартал ЕСМ произвел за 35 отсто помалку електрична енергија од она што го планирале.
И во извештајот на Регулаторите стои дека за намалувањето на производството во последните 10 години причините се бројните дефекти, намалувањето на ископаните количини на јаглен, животниот век на централите, но и намалување на ефикасноста во работењето.
Од друга страна, ЕСМ води битка и со финансиите. Па, така според последниот извештај на Министерството за финансии, првиот квартал од оваа година компанијата го заокружи со долг од близу 56 милион евра и со тоа повторно се најде во првата петорка на должници на оваа листа.
Сепак, целосната слика за тоа како работела компанијата лани, ќе се добие кога тие ќе го објават својот најнов годишен извештај.
Ирена Чачкова
