Бизнис објектив Вести Економија Македонија

„Бизнис Објектив“: Секоја петта туристичка агенција е со блокирана сметка

Секоја петта туристичка агенција или тур-оператор е со блокирана сметка. Според поднесените завршни сметки за 2025 година, во земјава се активни 324 туристички агенции и 54 тур-оператори. Податоците покажуваат и дека сите заедно во Управата за јавни приходи (УЈП) должат над половина милион евра по основ неплатени даноци и придонеси.

„Вкупната обврска е 36 милиони денари, или некаде околку 60% од вкупниот долг е, според информациите од УЈП, за ДДВ, што значи дека ликвидноста на компаниите главно укажува дека е загрозена бидејќи ДДВ-то е она коешто не се исплаќа доколку ликвидноста е загрозена. Дополнително на ова влијае и бројот на блокирани банкарски сметки.
Оваа бројка кај туристичките агенции е драстично поголема бидејќи на пазарот постојат 324 компании, од кои 18% или 58 се блокирани компании во Македонија, каде што најголем процент на блокирани компании е во Скопје (57%), потоа следи туристичкото место Охрид со најголем број блокирани банкарски сметки, следи Куманово, Тетово итн. Доколку направиме една сегментација на тоа која е големината на компаниите коишто се блокирани, може да видиме дека микро компаниите се најизложени на ризик за ликвидност и се најчесто блокирани компании, односно 85% од сите блокирани се микро компании“,
вели Огнен Огненоски, основач и директор на „Бизнис мрежа“.

Дека енергетската криза предизвикана од немирите на Блискиот Исток веќе се одразува на туристичкиот сектор, сведочат и самите туристички работници. Растат цените на авиобилетите, хотелиерските и угостителските услуги, а со тоа и на аранжманите за ова лето. Од туристичките агенции велат дека случувањата видно се одразија на раните резервации што ги прават граѓаните.

„Геополитичката ситуација направи навистина голема промена кај нас, кај туристичките агенции и тур-оператори заради тоа што веќе при крајот на февруари се случи тоа што се случи на Блискиот Исток. Нашите пакет аранжмани, односно чартер летови беа веќе договорени и бевме во период кога забрзано ги полневме нашите места во авионите. Раното букирање завршуваше при крајот на февруари, меѓутоа очекувавме ран букинг и понатаму. Сето ова допринесе да се намалат резервациите кај нас, па дури очекувавме и некои откажувања од страна на клиентите. Не дека имаше и има реален проблем на тие дестинации што ние ги имаме договорено, тоа е Турција и тоа Анталискиот регион и Бодрумскиот регион, како и Хургада исто така чартер лет. Реален проблем нема и немаше претходно, меѓутоа се јави еден психолошки ефект кај клиентите – тие што веќе имаа резервирано и тие што очекувавме допрва да резервираат. Се појави страв, една несигурност за патување“, вели Сузана Зелениковска, менаџерка за продажба во туристичката агенција „Фибула“.

Иако веќе е извесно покачувањето на цените на авионските билети и аранжманите, сепак туристичките агенции се надеваат дека нема да дојде до поголеми поскапувања.

„Она што се случува со керозинот е општо познато, цената расте, и ние ќе имаме задолжување за чартерите во мај месец од априлскиот ценовник на керозинот. Цените на авионските карти се поскапени, меѓутоа за одредени дестинации не се многу поскапени цените, како на пример еве, за Турција ние добивме минимално покачување на авионските билети затоа што релацијата е пократка, додека за другите дестинации се многу повисоки, па некаде дури и 100% оди покачувањето на цената на авионскиот билет. Тие резервации што се веќе направени, ние мислам дека нема да ги задолжуваме клиентите што веќе ги имаат уплатено тие пакет аранжмани, иако во договорот со клиентите стои дека доколку дојде до покачување на керозинот имаме право и ние да ја покачиме цената.
Може да дојде до минимално покачување на некои од дестинациите, меѓутоа нема да оди тоа нешто многу различно од досега што го имавме заради тоа што нашиот пазар е таков каков што е, ние ја знаеме куповната моќ на нашите граѓани. Затоа што со покачувањето на керозинот, не е тоа дека ќе се покачат само авионските билети, туку индиректно влијае и на другите услуги бидејќи ние даваме поголем ланец на услуги, од хотелско сместување, трансфери, логистика, услуга на водичите таму, екскурзии итн.“,
вели Сузана Зелениковска, менаџерка за продажба во туристичката агенција „Фибула“.

 

Во вакви услови, се поставува прашањето колкав е капацитетот на туристичките компнии да се справат со актуелниот предизвик.

Податоците покажуваат дека годишно се основаат помеѓу 30 и 40 нови туристички агенции, или во просек по 10 агенции на квартално ниво. Но, во првиот квартал годинава се основале само три нови агенции или по една во јануари, февруари и март, што е пад од 70%.

„Најверојатно ова е поради неизсвесноста во светот. Загрозеноста на самата дејност доаѓа до тоа да е понеизвесно основањето на нови, односно желбата на стопанствениците за влегување на пазар, на основање компании со дејност туристички агенции. Би се фокусирал сега повеќе на приходите. Туристичките агенции драстично рстат со приходи (2022 до 2025 година). Охрабрувачки податок е дека од 110 милиони евра вкупен приход во 2022 година достигнуваме до 176 милиони евра на ниво на дејност, додека тур-операторите имаат 55 миолиони евра, што значи дека ако ги земеме заедно како пазар, заклучуваме дека над 230 милиони евра вреди пазарот на туристичките агенции и тур-операторите во Македонија. 60% е растот за овие 4 години на вкупните приходи на оваа дејност, што е охрабрувачки и е една од најбрзорастечките дејности во Македонија. Кога ќе ја споредиме добивката, таа расте уште побрзо од приходите на дејноста, односно расте со 80% за овие 4 години и од 2,5 милиони евра вкупна добивка во дејноста, веќе доаѓаме до 4,5 милоиони евра вкупна добивка на туристички агенции во 2025 година, односно 1 милион евра кај тур-операторите, или вкупна добивка од 5,5 милион евра на ниво на овие две главни дејности.

Во последните години компаниите подобро управуваат со финансиското работење, но дали тоа ќе биде заклучок и за 2026 година е прашање бидејќи Македонија се соочува со едни големи предизвици во таа глобална слика, односно оваа дејност е изложена на сериозен ризик, а тоа го укажуваат и зголемениот број блокирани банкарски сметки, зголемениот долг кон УЈП, како и намалениот интерес за основање компании, односно за влегување на овој пазар од страна на стартапи и новоосновани субјекти“, вели Огнен Огненоски, основач и директор на „Бизнис мрежа“.

 

Од друга страна, многу побавно расте бројот на вработени во овој сектор. За 4 години зголемувањето е 15%, што укажува дека се зголемува продуктивноста по вработен, а со тоа се подобрува и ефикасноста на компаниите.

Но, просечната плата во овој сектор и натаму е скромна. Во 2022 година изнесувала околу 290 евра, а во 2025-та 400 евра. Тоа значи дека иако просечната плата расте, сепак е за само околу 50 евра над минималецот.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп продoлжи со нападите кон италијанската премиерка

Дејан Дејан

„Нема место за политика во пријателства градени со децении“, велат жители од погранични села со Бугарија

Дејан Дејан

„Tреба да се радуваме да имаме Дата центри“ – вели првиот регулатор Ристов во интервју за Телма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе