Војната на Блискиот Исток, постојаната инфлација и неизвесноста го забавија растот на економиите на Западниот Балкан, оценува групацијата Светска банка. Недостигот од работна сила во регионот ги ограничува можностите за повисок раст.
Според новиот Извештај, просечниот економски раст во регионот годинава ќе биде 2,8 отсто, што е за 0,3 процентни поени помалку од претходната прогноза.
За Македонија намалувањето е за 0,1 процентни поени, па сега се очекува растот годинава да биде 2,9 отсто.
Во извештајот се констатира дека населението старее, работоспособните се иселуваат поради подобри плати, а на голем дел од луѓето повеќе им се исплати да се невработени. Групацијата Светска банка го гледа излезот токму во зголемување на работната сила.
- „Регионот на Западен Балкан има голем број неискористен потенцијал – жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки на пазарот на труд. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне економијата“, вели Шиаочинг Ју, директорка при Светска банка за земјите од Западен Балкан.
Се очекува цените на енергијата годинава да се зголемат за 24 отсто, најголемо поскапување во изминатите четири години.
Најголемиот удар од актуелната криза го трпи Босна и Херцеговина, каде што се очекува растот да се намали за 0,5 процентни поени од претходно прогнозираното, а Србија и Црна Гора имаат намалување од 0,3 процентни поени. Најдобро поминуваат Косово и Албанија за кои се проценува највисок раст на економијата во регионот.
Срѓан Стојанчов
Б.С.
