Вести Македонија Топ вести

Социјалдемократите предвреме ја напуштија работната група за Изборниот законик

Социјалдемократите предвреме ја напуштија работната група за Изборниот законик. Претпладнево не се појавија на седницата во министерството за правда, во знак на револт што владејачкото мнозинство не се откажа од намерата да се укине техничката влада и денеска го стави законот пред пратениците. Сите останати партии беа присутни и застанаа зад заедничка изјава која ја прочита министерот Филков, а во која изразуваат незадоволство од потегот на СДСМ и предупредуваат дека државата ќе изгуби многу пари доколку на ја исполни реформската агенда.

„Она што денеска изостана е токму она што е најпотребно – политичка зрелост. Не може да зборуваме за фер и демократски избори, а истовремено да не учествуваме во процесот кој треба да ги обезбеди тие стандарди. Демократијата подразбира дијалог, компромис и заедничка одговорност. Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната група за реформи во изборното законодавство директно се загрозени 4.281623 милиони евра. А, со блокадата на Законот за јавното обвинителство во Собранието, дополнително 6.422.623 милиони евра. Пари кои што, и тоа како, може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството за секој наш граѓанин“, рече Игор Филков, министер за правда.

Партиите доставиле и дополнителни забелешки и коментари на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На маса биле и предлозите на институциите кои се вклучени во изборниот процес – Државната изборна комисија, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за администрација и независните граѓански иницијативи. Нивните претставници во потегот на СДСМ гледаат скриени мотиви.

„Не веруваме во нивните крокодилски солзи дека се работи за техничката влада. На минатите избори имавме техничка влада, па изгубија катастрофално. Ова е наменето за да не се донесе измената со која Левица треба да добие рамноправен пристап кон платеното политичко рекламирање“, изјави Борислав Крмов од Левица.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ, пак, рече дека ова е уште еден обид на Венко Филипче да ги држи во заложништво реформските процеси. За пратеникот Павле Арсовски од Движење ЗНАМ, реформските закони се пресериозно прашање за да се престане со работа врз нив.

„Сите останати од работната група се согласивме дека работата врз Изборниот законик мора да продолжи, а ако СДСМ навистина одлучат да апстинираат од процесот, тоа ќе биде нивна одговорност“, порача Арсовски.

Од СДСМ обвинија дека министерот Филков се обидува вината за сопствената неспособност и блокада на реформите да ја префрли врз нив.

„Едно неучество после цела една година менува сè? – Како е тоа можно? – Каде се реформските закони? – Зошто ги нема на ЕНЕР? – Зошто ги криете од јавноста и од Собранието? – Наместо да ги подготви и да ги достави законите, Филков и ВМРО-ОКГ цела година молчат, одложуваат и одеднаш СДСМ е виновен за сè. Десет милиони евра од ЕУ за правосудни реформи се загрозени токму поради ВМРО, а не поради СДСМ“, обвинија од партијата.

Напуштањето на работата во оваа работна група беше услов што претседателот на СДСМ, Венко Филипче, им го постави на мнозинството за да не се укине техничката влада.

Далиборка Демјанска Цветановска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе