Вести Култура Македонија Топ вести

Кинотеката на Македонија одбележува 50 години јубилеј

Кинотеката на Македонија одбележува 50 години јубилеј. Филмската меморија не живее само во депоата, туку повторно станува јавен настан тогаш кога старите и новите македонски филмови ќе се вратат таму каде што најмногу значат — пред гледачот, велат од оваа институција која во континуитет е промотор на филмската меморија.

Со премиерна проекција на филмот „Половина век Кинотека“ и ретроспективна изложба која ги опфаќа сите периоди и предизвици на Кинотеката низ годините до денес свечено беше одбележан јубилејот 50 години Кинотека на Македонија, која во континуитет ја чува и промовира филмската меморија и културното наследство .

„Тоа се години свесно вложени во зачувувањето и презентирањето на подвижните слики, години вложени во филмот како неизбежен дел од националната културна меморија. Уште од 1976 та година Кинотеката е чувар на нашето аудиовизуелно наследство. Таа ги прибира, чува и заштитува делата на генерации филмски автори кои преку своите дела успеваат да го откријат духот на своето време“, изјави Бошко Грујоски, директор на Кинотека на Македонија.

Во нејзините депоа не лежат само филмски ленти, документи и фотоматеријали. Секој запис претставува вредно сведоштво за минатите времиња и луѓето во нив и ја отсликува нашата колективна меморија.

„Кинотеката е чувар на времето. Архив на идентитетот. Тивка, но непоколеблива одбрана од заборавот. Педесет години се доказ за истрајната верба во суштината на културата како темел врз кој се гради општеството, како вредност што создава смисла, континуитет и иднина“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Во рамки на свеченоста беше врачен и „Златниот објектив“ признание кое Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризација на македонската кинематографија. Годинашен добитник е директорот на фотографија Владимир Самоиловски.

„Објективот е едно оптичко средство без кое ние не можеме да работиме и затоа наградата ми е уште подрага. Уште повеќе ми е драго и чест ми е што ја добивам од една ваква институција којашто се грижи за нашата работа, за нашите филмови и ги чува од заборав. Да не беше оваа институција кој ќе го знаеше Милтон Манаки и браќата Манаки“, објасни Владимир Самоиловски, добитник на „Златен објектив“.

Во текот на месец мај во рамки на чествувањето 50 години јубилеј публиката ќе има можност да проследи внимателно конципиран репертоар што се движи меѓу класиката и современоста, меѓу авторскиот филм и жанровската игра.

Нина Стефанова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе