Американска делегација, предводена од специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стиф Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, утре наутро ќе замине во Пакистан, во нова рунда преговори со претставници на Иран потврди портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
Според Ројтерс и CNN, емисарите на Трамп ќе разговараат директно со министерот за надворешни работи на исламската република, Абас Арагчи, додека потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс и шефот на американската дипломатија, Марко Рубио ќе бидат подготвени да заминат во Исламабад, доколку биде постигнат напредок во текот на преговорите.
Левит тврди дека во последните денови наводно имало придвижување и напредок кај иранската страна.
Претходно и властите во Техеран најавија посета на Пакистан а на својот официјален профил, Абас Арагчи, напиша дека ќе ги посети Исламабад, главниот град на Оман, Мускат и Москва.
„Нашата цел е одблиску да се координираме со партнерите за билатералните прашања и да се консултираме за регионалните настани. Соседите се наш приоритет“ – напиша Арагчи, без да потврди дека ќе разговара со претставниците на Трамп.
Во очекување на посетата на претставниците на Иран и Соединетите држави, во Пакистан повторно се засилени безбедносните мерки. Официјален Исламабад е досега најголемиот промотор на дијалогот меѓу САД и Иран, во обид за изнаоѓање трајно мировно решение.
Американскиот претседател веќе изјави дека тој не сака да брза со завршување на војната и постигнување договор со Техеран, иако досега често пати го губеше трпението и се закануваше дури и со уништување на иранската цивилизација.
„Не сакам да брзам, сакам да го искористам времето. Имаме време, и сакам да постигнеме одличен договор. Сакам да постигнеме договор по кој нашиот народ и светот се безбедни од лудаци со нуклеарно оружје.“ – изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иако на сила е договор за прекин на огнот, кој Трамп го продолжи, овој пат без ограничено времетраење. Клучното спорно прашање останува ситуацијата во Ормускиот теснец, кој е од витално значење и за светската економија, како рута низ која се транспортираат над 20 % од нафтата и природниот гас во светот.
Трамп очекува дека Иран ќе го прифати неговото барање да не го попречува транспортот на енергенсите низ теснецот, додека пак Иран инсистира американците да ја укинат блокадата за бродовите кои испловуваат од иранските пристаништа.
Американската морнарица досега заплени два танкери кои пренесувале иранска нафта, а иранската Револуционерна гарда отвори заплени два нафтени танкери кои се обиделе да поминат низ Ормускиот теснец без дозвола на иранските власти.
Никола Илиевски
