Обвинителството бара притвор за поранешниот претседател на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) Муамед Сејдини. Притворот е побаран поради “опасност од бегство и постои оправдан страв дека осомничениот ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците”, соопшти доцна вечерва обвинителството.
Сејдини е осомничен за кривично дело “проневера во службата” за што Кривичниот законик предвидува казна од најмалку 4 години затвор бидејќи станува збор за проневерена финансиска сума со износ кој надминува значителна имотна корист. Сумата изнесува 660 илјади евра, исплатена е во декември 2024-та како аванс на фирма за изградба на трибина на стадион во Охрид со средства добиени од УЕФА.
Авансот бил 20% од вкупниот договор,, а Сејдини го потпишал иако не бил предвидена авансна исплата, тој како претседател на ФФМ не бил овластен за таква одлука и воопшто немало банкарска гаранција.
Кривичниот суд доцна вечерва соопшти дека му е определен притвор од 30 дена на Сејдини.
-Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека, постапувајќи по предлог на надлежното обвинителство, донесе решение со кое на лицето М.С., поранешен претседател на Фудбалска федерација на Македонија, му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката притвор е определена поради основано сомневање дека лицето сторило кривично дело Проневера во служба. Воедно, судот оцени дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази во текот на постапката, соопштија од скопскиот суд.
Соопштението на обвинителството во продолжение:
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во периодот од ноември – декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист.
Сомненијата укажуваат дека делото е извршено така што ФФМ, како членка на УЕФА, во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраскруктура.
Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата „HatTrick VI”, осомничениот започнал постапка за спроведување на проектот – изградба на трибина на Стадион “Билјанини Извори” во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20% од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс.
Го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од околу 660 илјади евра кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постои оправдан страв дека осомничениот ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
