Членките на Европската Унија денеска и формално го одобрија заемот за Украина во вредност од 90 милијарди евра, како и 20-от пакет санкции за Русија, објави Кипар кој моментно претседава со блокот.
Двете одлуки досега ги блокираше унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, правдајќи го ветото со одолговлекување на Киев со поправките на нафтоводот „Дружба“ преку кој земјата се снабдува со руска нафта.
Нафтоводот беше оштетен кон крајот на јануари во напад со руските дронови во западниот дел на Украина. Властите во Киев во вторникот објавија дека поправката е завршена по што нафта протече низ „Дружба“ која би требало да стигне во Унгарија во текот на денот.
Заемот за Украина беше договорен на самитот на ЕУ во декември во Брисел. Будимпешта дополнително го блокираше носењето на измени на уредбата за буџетот за што е потребна едногласност, без што ЕУ не може да подигне кредит, со оглед дека европскиот буџет е гарант за заемот.
Две третини од заемот од 90 милијарди евра, односно 60 милијарди евра се наменети за воена помош, а останатите 30 милијарди за поддршка на украинскиот буџет за да се осигура континуирано функционирање на државата и основните јавни услуги.
Украина со тие средства треба да набави оружје и опрема што се произведува во ЕУ, но и надвор од таа рамка на она што не е достапно на континентот.
Заемот за Украина е одобрен врз основа на механизмот „засилена соработка“, бидејќи беше невозможно да се постигне согласност од сите држави членки на ЕУ. Унгарија, Чешка и Словачка се изземаа и нема да учествуваат во отплата на кредитот.
Дваесетиот пакет санкции за Русија, пак, вклучува основа за идна забрана на поморски услуги за руска нафта, што ќе се спроведува во целосна координација со групата Г7 и Коалицијата за ограничување на цените.
На листата на санкционирани се додадени и 60 физички и правни лица, како и 20 кредитни и финансиски институции врз кои ќе се применува забрана за трансакции.
