Наместо најавената јавна дебата меѓу кандидатите за ректор на УКИМ, се одржа самопрезентација, откако актуелната ректорка Биљана Ангелова не учествуваше на настанот. Од Независниот академски синдикат, кои беа организатори, информираат дека поканите биле испратени до двајцата кандидати, но Ангелова ја одбила поканата бидејќи била надвор од градот.
„Ректорката кажа дека е зафатена и дека е во Охрид, па не може да дојде. Понудивме да ја одложиме дебатата или да се вклучи онлајн, но тоа не беше прифатено.“ – изјави д-р Виктор Стефов, професор на природно-математичкиот факултет – институтот за хемија.
Поради тоа, единствено се претстави кандидатот Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет. Тој ја презентираше својата програма, која се темели на пет столба – транспарентност, отчетност, дигитализација и поголема интеграција меѓу факултетите.
„Генерално е многу важно да станеме препознатливи и во државата и надвор од неа. Но, за тоа да се случи мора да направиме една малку посериозна интеграција. Тоа значи прво ние да се запознаеме меѓу себе. Имаме многу лаборатории на факултетите, а никој не е добро запознаен на кој факултет што има“ – вели кандидатот за ректор на УКИМ, д-р Дарко Данев.
Актуелната ректорка Ангелова претходно изјави дека бара нов мандат, повикувајќи се на досегашните резултати и најавувајќи континуитет, одговорност и одржливост на започнатите процеси.
Изборите за ректор на УКИМ ќе се одржат во вторник, кога ќе се избира првиот човек на универзитетот за наредниот тригодишен мандат.
Тамара Марковска
