Во емисијата „Вин-Вин“ на Телма, Јани Макрадули, поранешниот потпретседател на Собранието посочи дека предложените измени за техничка влада не треба да бидат приоритет, а дополнително ги оцени и дека служат за дефокус од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните во државата .
„Мислам дека е ова е еден од оние законски предлози што доаѓаат од владата како еден дефокус и не помага на граѓаните за решавање на реалните проблеми. Притоа лажна е тезата дека се зборува само за укинување на техничката влада, бидејќи со предложените измени се менуваат и правилата на однесување во рамки на таа техничка влада особено во делот на посебните советници каде предлагачот се обидува со еден трик да ги ограничи правата на тој којшто ќе биде дополнителен министер од кој резервоар да ги зима луѓето“, истакна Макрадули.
Тој додава дека, иако во јавноста се пласира тезата дека станува збор само за укинување на техничката влада, измените навлегуваат и во начинот на функционирање на истата, особено во делот на изборот на советници. Според него, со предложените решенија се ограничуваат правата на дополнителните министри, при што, како што рече, се остава простор за партиско влијание врз изборот на кадри.
Во време кога економските предизвици се продлабочуваат, а земјата се соочува со проблеми во земјоделието и на меѓународен план, ваквите законски иницијативи го оттурнуваат фокусот од суштинските реформи смета Макрадули.
„Во овој момент инфлацијата расте, никој не зборува за ДДВ-то што беше 5%, а се врати на 18%, потешко се живее кај нас, да не зборувам за пропаста во земјоделието, или ако сакате на меѓународен план Владата го предлага овој закон дента кога Црна Гора го добива договорот за ад хок група којашто ќе го спреми договорот за Црна Гора. И во такви услови вие фрлате нешто на маса, и ќе се фатиме сите за тоа, а ништо не решава на реалните проблеми на граѓаните, и едно трик решение кое не носи добро“, објаснува Макрадули.
Измените во два закони за влада и пратеници кои треба да ја испратат техничката влада во историјата и пратениците со двојно државјанство вон парламентот во скратена постапка го поминаа првиот собраниски филтер.
https://telma.com.mk/2026/04/23/selimi-tie-koi-do-vchera-bea-na-vlast-si-gi-reshija-lichnite-raboti-i-ovie-sega-imaat-potreba-toa-da-go-napravat-dodeka-standardot-paga-i-sme-posledni-vo-regionot/
