Бугарските европратеници во заедничко писмо наведуваат дека нема менување на преговарачката рамка за Македонија. Сите 17 бугарски европратеници потпишаа заедничко писмо упатено до своите колеги, со кое силно го отфрлаат обидот за повторно отворање или реинтерпретација на преговарачката рамка, пишува бриселскиот портал ЕУ-Алајв.
Во писмото во кое порталот имаше увид се предупредува дека иницијативите, како што е амандманот 108, во претстојниот годишен извештај ризикуваат да го поткопаат кредибилитетот на целиот процес на проширување и принципот pacta sunt servanda, односно договорите треба да се почитуваат.
Бугарските европратеници пишуваат дека нема правни нејаснотии што треба да се разјаснат. Пишуваат дека сегашната влада во Македонија се чини дека се оддалечува од имплементација кон креативни решенија, надвор од договорената рамка, како што е презентирањето на преговарачката рамка како обичен нацрт отворен за ревизија.
Ставот на Софија, едногласно одобрен во националното собрание, е кристално јасен, пишуваат европските парламентарци и додаваат дека нема дополнителни билатерални услови, освен оние што веќе се наведени во правните документи на Европската Унија и преговарачкта рамка.
