За мене театарот е место на љубов и место на дијалог со светот, со општествениот момент во кој живеам, за позицијата на човекот, најдлабокоите проблеми, но и за човечката интима, вели Татјана Мандиќ Ригонат која на сцената на МНТ премиерно ја постави претставата „Страв и надеж“ според текст на Франц Ксавер Крец. Делото на Крец кој е жив класик и покрај Бертолд Брехт најизведуваниот современ германски драмски писател е исклучително актуелно и токму затоа ми беше важно да го поставам сега, во еден взаемно инспиративен процес со актерите на МНТ, додава Мандиќ Ригонат.
„Светот во кој живееме е одвратен. Војни, криза, распаѓање на сите човечки вредности од хуманистички тип. Она во коешто веруваа генерации дека е смислата и некава иднина кон која се стремиме, секој ден гледаме како пред наши очи се распаѓа како во некоja ненормална реалност. Како оваа стварност во која живееме не е стварност, туку како некој да си игра со нас на некој бизарен начин, па тоа е како некој црн хумор“, изјави Татјана Мандиќ Ригонат, театарска режисерка.
„Меѓутоа има еден убав збор нели, не е само страв туку има и надеж и надежта последна умира. Ќе се надеваме секогаш и ќе се радуваме на најминорните работи во животот“, рече актерката Тања Кочовска.
„Можам слободно да кажам дека оваа претстава што ја поставивме ретко кога или дали во последниве 15 или 20 години е поставена на сцената на Македонскиот народен театар“, вели Никола Кимовски, директор на Македонски народен театар.
Режисерката не ја криеше својата благодарност кон сите актери, но и оние зад сцената кои беа вклучени во овој креативен процес кој уште долго ќе го памети како што самата вели како една љубовна песна.
„За мене најлош режисер е оној којшто прави работна атмосфера во којашто ти се плашиш да згрешиш и всушност ти не заминуваш никаде, не правиш ништо повеќе. Овде е еден редок режисер којшто дозволува ти да згрешиш, но дозволува и тој самиот да згреши и кога ќе го добиеме тоа взаемно разбирање дека всушност ќе грешиме ние, многу е важно на крајот кога си ги признаваме грешките. Режисер кој вели тоа е моја грешка и тоа решение за оваа сцена не е исправно“, изјави актерот Сашко Коцев.
„Страв и надеж“ е драмска партитура составена од сцени, кои варираат околу една централна состојба: современиот човек турнат до работ на егзистенцијата. Ликовите живеат под притисок на невработеност, страв од губење работа, чувство на пониска вредност и постојана несигурност.
Нина Стефанова
