Обвинителството ги затворило предистражните дејствија за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски на крајот на 2024 година без да открие виновници кои му помогнале да избега од Македонија во ноември 2018 година непосредно пред да замине во затвор откако беше осуден во случајот Тенк за набавката на владиниот Мерцедес.
Додека полицијата го бараше во неговиот дом и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ за да го спроведе во затвор, тој на 13 ноември 2018 година се јави со Фејсбук статус од Будимпешта, каде неколку дена подоцна доби азил.
Обвинителството веднаш отвори предмет во кој истражуваше можни помагачи на бегството, но не утврдиле постоење на организирана структура од домашни службени лица кои би биле дел од злосторничко здружување и кои му помогнале во организација и реализација на бегството.
Обвинителството точно ја утврдило рутата на Груевски надвор од Македонија – со кои возила, во кое време и со кои луѓе патувал, но не и во Македонија.
- „Мора јасно да се каже дека и покрај брзата реакција на обвинителството и органите на прогон, дел од доказите беа неповратно уништени или никогаш не постоеле. Имено, на дел од граничните премини немало видео надзор или истиот не функционирал, додека хард дискот од зградата во која живеел Груевски бил форматиран и немало можност за враќање на записите“, велат во обвинителството за Телма.
Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија, стигна во Унгарија. Остана нејасно како стигнал во Албанија и кој му помогнал. Додека новинарски екипи чекаа спроведување на Груевски пред затворот Шутка, на 10 ноември 2018 – сабота, тој влегол во унгарската амбасада во Тирана и побарал азил. Ноќта ја поминал таму, а утредента со возило на амбасадата и двајца унгарски дипломати влегол во Црна Гора на граничниот премин Хан и Хотит – Божај.
Го презеле унгарски дипломати од Црна Гора со нивно дипломатско возило и во Србија влегле преку граничниот премин Добраково на 11 ноември вечерта. Таму го презеле други унгарски дипломати.
Во Унгарија влегол преку Граничниот премин Хоргош на 12 ноември. Истиот ден МВР објави потерница по него. Утредента Груевски соопшти дека е во Будимпешта каде што побарал азил затоа што добивал закани за живот. Низ регионот патувал со лична карта, а граничарите го пропуштале затоа што по него немаше распишано меѓународна потерница.
Во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека доколку се обезбедат нови докази што идентификуваат вмешани во бегството ќе ја продолжат постапката.
Срѓан Стојанчов
Б.С.
