СДСМ му поднесоа кривична пријава на премиерот за, според нив, сериозно нарушување на уставниот поредок во државата. Го обвинуваат и за злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните и загрозување на сигурноста, откако изјави дека има чувство дека поранешни функционери на СДСМ ќе бидат предмет на истрага.
„Христијан Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата. Од позиција на премиер Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста“ – рече Алeксандар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Димитријевиќ бара од Јавното обвинителство итно да постапи по поднесената пријава, да го повика премиерот на распит и да обезбеди независна и непристрасна постапка.
Денеска и партискиот претседател побара помош од ЕУ, барајќи да ја следат состојбата и да реагираат за владеењето на правото во државата.
Во официјални писма до Европската комисија, Европскиот парламент, како и до известувачот за Македонија и амбасадорите на земјите членки,посочува на „координирани обиди на извршната власт за влијание врз правосудните институции„.
Премиерот, пак, им одговори дека имаат право на допишување но дека чувствата околу прогонот на функционери од поранешната влада на СДСМ, му се засилуваат.
„Секој има право да се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сè посилни“, изјави Мицкоски.
На прашањето, кога ќе побараат екстрадиција на Груевски од Будимпешта, со оглед на тоа што Полска веќе доставила официјални барања да им се испорачаат двајцата функционери од поранешната полска влада, одговори дека се работи за сосема различни случаи.
-Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил и за да се испрати барање за екстрадиција прво треба процедура да се тргне азилот. Сега ако испратиме, негативен одговор ќе добиеме. Можеме утре да го испратиме, нема проблем, дајте малку суштински да ги гледаме работите. Опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде , одговори Мицкоски.
Од Министерството за правда деновиве најавија дека ќе ги побараат сите списи од надлежните судови и обвинителства за предметите поврзани со бегалецот во Унгарија и дека ќе постапат согласно законските прописи.
Далиборка Демјанска Цветановска
