Секој има право да си се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сè посилни – рече премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги најавите од СДСМ дека испратиле писма до сите официјални институции во ЕУ, но и до сите амбасадори во земјата по неговата последна изјава дека има чувство оти ќе се гонат поранешни функционери на СДСМ.
СДСМ соопшти дека Филипче упатил официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и до амбасадорите на земјите членки на ЕУ за „сериозното нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија“.
– Подолг период сведочиме на системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам – пишува во писмата од СДСМ.
Изјавата дека премиерот има чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството итн. ќе бидат опфатени со одредени прогони, според СДСМ е изјава за политички реваншизам и претставува директна закана за демократскиот плурализам.
Прашан пред два дена дали ќе поднесе барање за екстрација на Груевски, Мицксоки одговори дека очекува „опозицијата критички да се однесува и кога високи функционери од поранешните влади на СДСМ, ќе бидат опфатени со одреден прогон. Не велам дека имам информации, имам чувство“ рече Мицкоски.
