Филипче бара помош од ЕУ, по јавно искажаните чувства на премиерот дека некој од екс-функционерите на СДСМ би можел да биде предмет на истрага. Претседателот на СДСМ апелира до европските институции да ја следат состојбата и да реагираат за владеењето на правото во државата.
Во официјални писма до Европската комисија, Европскиот парламент, како и до известувачот за Македонија и амбасадорите на земјите членки,посочува на „координирани обиди на извршната власт за влијание врз правосудните институции“.
„Користејќи ги двете функции – премиер и претседател на ВМРО, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури. Неговото „чувство“ дека ќе следуваат конкретни постапки е транспарентен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси“, пишуваат од СДСМ.
Премиерот, пак, им одговори дека имаат право на допишување но дека чувствата околу прогонот на функционери од поранешната влада на СДСМ, му се засилуваат.
„Секој има право да се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сè посилни“, изјави Мицкоски.
На прашањето, кога ќе побараат екстрадиција на Груевски од Будимпешта, со оглед на тоа што Полска веќе доставила официјални барања да им се испорачаат двајцата функционери од поранешната полска влада, одговори дека се работи за сосема различни случаи.
„Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил и за да се испрати барање за екстрадиција прво треба процедура да се тргне азилот. Сега ако испратиме, негативен одговор ќе добиеме. Можеме утре да го испратиме, нема проблем, дајте малку суштински да ги гледаме работите. Опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде“, одговори Мицкоски.
Од Министерството за правда деновиве најавија дека ќе ги побараат сите списи од надлежните судови и обвинителства за предметите поврзани со бегалецот во Унгарија и дека ќе постапат согласно законските прописи.
Далиборка Демјанска Цветановска
