Вести Македонија Најважни

Факултети без парно, со кровови што протекуваат, студентски домови со ужасни услови – реакции на студентите на дебата за законот за високо образование

Крај на експериментите и почеток на системските решенија во образованието. Со овие зборови, Владата денеска го најави новиот Закон за високо образование. Скроен е со амбиција да го подигне квалитетот, да воведе меритократија и да ги задржи младите во земјата, велат надлежните. Но, процесот отвора критики за недоволна и задоцнета вклученост на студентите. Премиерот Мицкоски порачува дека законот не се носи зад затворени врати, туку по широка дебата.

„Како генерација мора да сме свесни дека ако продолжиме да функционираме на овој начин, ќе ги изгубиме младите. И да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет. Ние сакаме заедно со вас да генерираме квалитет. Ова не е политичко прашање, ова е државно прашање. Ова е прашање коешто треба да ја определи иднината на оваа држава“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

И покрај тврдењата за широка дебата и зачувана универзитетска автономија, студентските претставници укажуваат на игнорирање на нивните барања и слаб дијалог, додека суштинските проблеми за студентите остануваат нерешени. Активистот Николовски, кој е член и на Координативното тело за реформи во високото образование, има забелешки што националното студентско тело не е никаде вклучено во самиот Закон за високото образование, што било клучно барање на сите универзитетски студентски собранија.

„А, во исто време, на Педагошки факултет во Битола не одат на настава во зима, бидејќи нема парно, во Штип одредени студенти од Медицинскиот факултет одат на пракса во Скопје, затоа што клиниката во Штип не е изградена. На УКИМ има факултети каде што течат кровови и каде што е ладно поради тоа што нема доволно греење. Имаме неколку студентски домови коишто се во ужасна состојба, два се реновираат и ќе бидат готови, но имаме седум – да речеме тој во Охрид, доколку влезете таму, тоа не се услови каде што студент треба да живее“, нагласи Александар Николовски, студентски активист.

Од Образование и наука и од УКИМ се согласни дека автономијата на универзитетите не е загрозена со новиот закон.

„Се справивме со лажните вести и дезинформации од центри на моќ за влијание на јавното мнение, дека се нарушува автономијата на универзитетите, дека ќе нема вонредно студирање, дека ќе студираат само деца од богати семејства, дека државата не им плаќа на професорите за објавување на научни трудови“, смета министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

„Со овој закон, автономијата е заштитена. Таа нѝ е нас уставно загарантирано право, како функционалната, организациската, така и финансиската автономија“, порача проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ.

Сѐ уште не се знае кога предлогот ќе влезе во собраниска процедура.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жена приведена во Ресен при обид за кражба

Tea Dimkovska

Вајц: ЕУ не бара менување на идентитетите, потребни се доверба и дијалог меѓу Скопје и Софија

Tea Dimkovska

За реконструкција на Владата Димитриевски смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе