Економскиот развој не треба да се мери само преку изградба на патишта, туку преку вложување во човечкиот капитал и дигитализацијата, смета универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, професорот Ванчо Узунов упати остри критики кон традиционалниот пристап на планирање на капиталните инвестиции во земјата. Според него, Македонија мора да излезе од „социјалистичките рецептури“ и да се сврти кон модерен модел на економски раст.
Узунов е дециден дека оваа година не треба да се трошат средства на железницата, оценувајќи ја како неисплатлива инвестиција во овој момент.
- „Железница оваа година нема да видиме, а и не треба да видиме, бидејќи таа е неисплатлива и тука нема што да се сега оваа година фрлаат пари. Автопатиштата се договорени, тие транши треба да продолжат, но фокусот мора да се помести,“ изјави Узунов.
Професорот нагласува дека во јавноста и кај носителите на одлуки постои погрешна перцепција за тоа што претставува капитална инвестиција. Според него, вистинскиот поттик за раст на бруто-домашниот производ (БДП) доаѓа од секторите кои го градат знаењето.
- „Подобрувањето на образованието, здравството, иновациите и дигитализацијата – тоа се сè капитални инвестиции. Тоа е она што го поддржува и поттикнува растот и ја зголемува стапката на раст на БДП. Не мора сè да биде само асфалт и бетон,“ потенцира тој.
Узунов вели дека моделот на раст базиран исклучиво на градежни активности веќе не постои во современите економии и дека земјата мора да се адаптира на новите времиња.
- „Модел на раст базиран само на асфалт и бетон никаде го нема и не треба да го има. Современиот модел се базира на знаење, иновации, прелевање на знаењето, нови производи и освојување нови пазари. Ние зборуваме за модерна економија, а во развојните политики сè уште се држиме до некои рецептури од социјализмот,“ заклучува професорот.
Овие пораки на Узунов доаѓаат во време кога државата се соочува со предизвици во реализацијата на капиталните инвестиции и дебати за тоа каде најпродуктивно би се потрошиле буџетските средства за да се генерира поголем економски напредок.
