Вести Македонија Најважни

Досие Груевски – три пресуди го чекаат во Скопје, има фирма и азил во Будимпешта, на црна листа е во Вашингтон

Во скопскиот Кривичен суд досега има три пресуди за бегалецот, екс премиер Никола Груевски. За една веќе е издаден упатен акт за служење на затворска казна од две години, но пред да биде однесен во затворот Шутка, Груевски избега преку граница, а потоа со унгарски привремени документи издадени во унгарската амбасада во Албанија, се прошета низ три балкански земји и стигна во Будимпешта каде во експресна постапка доби азил.

Уште две судења му се активни и сè уштe течат, иако се блиску до застарување. Во предметот „Талир 2“ за имотот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, тој заедно со уште неколкумина е обвинет поради начинот на кој е договорена изградбата на „Белата палата“ и се купени повеќе канцеларии за партијата. Предметот е пред застарување, а денеска доби нов обвинител откако актуелниот државен обвинител Ненад Савески ги одзеде овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска, по што таа поднесе оставка.

Новиот обвинител Кристијан Смилевски вели дека „добро го проучил предметот“ и ќе успее да го заврши случајот до рокот за застарување, до почетокот на септември, иако главниот обвинет Никола Груевски е во бегство.

Но, и во македонското правосудство дојдоа политичките ветришта кои во Будимпешта ги оддува Орбан од власта во чиј мандат бегалецот Груевски доби и азил во Унгарија. Меѓународната потерница по Груевски сè уште стои на веб сајтот на МВР. Таа е распишана кога избега, бидејќи требаше да издржи двегодишна затворска казна за предметот „Тенк“ и набавката на блиндираниот Мерцедес надвор од законските процедури за јавни набавки. Извршувањето на таа казна застаре во октомври 2024-та.

Последен пат екстрадиција за бегалецот од правдата е барана во 2018 година, дополнета во 2019-та, но Унгарија го одби барањето, бидејќи Груевски веќе имаше азил како политички бегалец. Но, според законските одредби, таа казна поради која избега е застарена. Во потерницата стои и дека Груевски е баран за 30 дена притвор определени за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, односно за организација на упадот во Собранието на 27 април. Поради бегството, никогаш не даде исказ поради што му е издвоен предметот.

За Груевски има правосилна пресуда од девет години затвор за перење пари во случајот „Плацеви на Водно“, но таа пресуда беше донесена во отсуство. Дополнително има година и половина затвор пресудени во предметот „Шамари во Центар“, односно организирање на насилства за да се спречи укинувањето на ДУП-от за изградба на објекти на неговите „Плацеви на Водно“.

Беше суден и во предметите „ТНТ“, „Талир 1“, „Траекторија“ кои застареа или поради долгото бегство или поради менувањето на Кривичниот законик.

Екс премиерот избега во Унгарија во ноември 2018 година. Никогаш никој од претходната власт не одговараше за овозможеното бегство. Груевски доби политички азил, наредната 2019 година, опозицијата на Орбан тврдеше дека со неговото име постои гласач за локалните избори во Будимпешта за што мора да има важечки унгарски документи. Во 2021 година формираше и консултантска фирма со која според податоците имал прилив од над 10.000 евра, но сега е обележана како санкционирана фирма која не може да учествува во државни јавни набавки во Унгарија, бидејќи Груевски беше ставен на црната листа на САД.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе