Петер Маѓар успеа да го направи тоа што многумина во Европа, но и во Унгарија престанаа да веруваат дека е можно да се случи – по 16 години власт Виктор Орбан да биде запрен во походот да освои уште еден, петти по ред премиерски мандат.
Особено што тој имаше се што беше доволно за нов изборен триумф – пари, медиуми, партиска администрација, и изборен модел обликуван да и одговора на владејачката Фидеш.
На Маѓар му требаа неполни две години од политички анонимус да се вивне во врвот на унгарската политичка сцена и не само што го демисионира Орбан туку поттикна огромен број на гласачи ( 80% гласаа, одзив каков што немало на ниту едни избори во Унгарија), да гласаат за промени.
Во анализите на политичките случувања во Унгарија, која е една од најважните теми во светските медиуми доминира една теза која ги обединува сите коментари од политиколозите, социолозите и психолозите – клучот за успехот на Маѓар е во надежта која тој ја понуди а која толку многу им недостигаше на Унгарците – надежта за промени.
По повеќе од една деценија доминација на Орбан, многу Унгарци веруваа дека власта е практично недопирлива. Сепак, појавата на Маѓар ја промени таа перцепција за политичка промени и за разнишување на долгогодишниот систем на власт.
Како поранешен член на владејачката гарнитура, тој никогаш целосно не се огради од политиките на Орбан но успеа да се претстави како автентична конзервативна алтернатива – тој ги дели вредности на Фидеш но остро ја критикува корупцијата и е цврсто за Европската унија.
Петар Маѓар има 45 години, тој е адвокат, потекнува од семејство со силни политички корени – негов роднина е поранешниот унгарски претседател Ференц Мадл. Тој рано и се приклучил на владејачката партија Фидес, каде што постепено изградил влијание и блиски односи со дел од врвот на партијата. Работел како унгарски дипломат во Брисел и бил на високи позиции во државни институции.
Во приватниот живот, Маѓар беше во брак со Јудит Варга, една од најистакнатите фигури во Фидес, со која има три деца. Нивниот брак заврши со развод во 2023 година.
Пресвртница во неговата политичка кариера е 2024 година кога јавно ја напушта Фидеш по скандалот поврзан со помилување на човек кој помогнал во заташкување на случај со злоставување на деца.
Скандалот предизвикува масовни демонстрации во Унгарија а под притисок на јавноста унгарската претседателка која го потпишала помилувањето поднесува оставка.
Во обид да ја убеди јавноста дека владини функционери штитат лица кои треба да бидат во затвор, Маѓар објавува тајна снимка на неговата поранешна сопруга во која таа зборува за мешање на одредени функционери во случајот.
Неговата поранешна сопруга по ова ќе поднесе оставка, а тој ќе се етаблира како човек кој се свртел против системот и партијата за која како што велеше повеќе не ја препознава зашто ги напуштила сите вредности за кои се залагала. Од тој момент неговата политичка кариера е во постојан подем.
По напуштањето на Фидес, Маѓар се приклучи на релативно непознатата партија Тиса, која под негово водство доживеа драматичен раст. На европските избори во 2024 година, Маѓар е избран за член на Европскиот Парламент, а партијата освои значителен процент од гласовите, што беше јасен сигнал дека Орбан добива сериозен конкурент.
За време на кампањата, тој беше обвинуван за семејно насилство, консумирање дрога но ваквите тврдења не ги возвратија гласачите. Првичните анализи на резултатите покажуваат дека тој на свое конто доби гласови од симпатизери на левицата, но и на разочараните гласачи на Фидеш.
Маѓар вети борба против корупцијата, економски реформи и подобрување на односите со Европската Унија, со цел да се деблокираат европските фондови.
Иако неговиот подем е импресивен, пред Петер Маѓар стои сериозен предизвик – да ја оправда довербата и да покаже дека може да ја претвори политичката енергија во конкретни резултати.
Централно десничарската партија Тиса освои 138 пратенички места од вкупно 199 во унгарскиот парламент, повеќе од двотретинското мнозинство потребно за сериозните и длабоки реформи кои
Маѓар ги најавуваше во кампањата. Тој пред гласачите вети дека ќе го ограничи премиерскиот мандат на два изборни циклуси (односно на 8 години), ново министерство за борба против корупција, целосна проверка на сите договори за јавни набавки, како и дека ќе формира специјална единица која ќе го истражи начинот на кој државен имот бил префрлан на лица блиски до Фидеш.
Маѓар најави и распуштање на информативната програма на унгарската државна телевизија и радио и нивно реструктурирање за да се обезбеди како што вели политичка независност во информирањето.
Во синоќешното победничко обраќање пред поддржувачите, Маѓар рече дека во Унгарија ќе се воспостави Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител и земјата ќе се врати на европскиот курс што би требало да доведе до ослободување на замрзнатите 20 милијарди наменети за Унгарија од ЕУ.
Соња Петрушевска
