ОБСЕ испрати набљудувачка мисија за изборите во Унгарија, кои ќе се одржат утре, во услови на зголемени политички тензии. Мисијата се состои од основен тим од 15 експерти со седиште во Будимпешта и дополнителни 18 долгорочни набљудувачи распоредени низ земјата. Нивната задача е да ја проценат регуларноста на изборниот процес, вклучително и фер условите на гласање, евентуалните нерегуларности и слободата на избор на граѓаните.
Пурија Амиршахи, пратеник во француското Национално собрание и член на мисијата на ОБСЕ, истакна дека ваквите мисии имаат клучна улога во проверката на интегритетот на изборите, особено во земји како Унгарија, каде во минатото имало правни предизвици и изборни спорови.
„Целта е да се утврди дали демократијата функционира онака како што тврди власта – дали гласањето е фер, дали има измами и дали граѓаните слободно ја изразуваат својата волја“, изјави Амиршахи.
Според него, една од главните забелешки е медиумската нерамнотежа, при што владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан има значителна предност преку контролата врз јавните и дел од приватните медиуми.
Амиршахи се осврна и на геополитичките влијанија, посочувајќи ја неодамнешната посета на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој престојувал три дена во Унгарија и остварил средби со власта непосредно пред изборите.
Тој оцени дека ваквите потези укажуваат на пошироки политички интереси, како и на обиди за влијание врз внатрешно-политичките процеси, додавајќи дека во земјата е присутно и руско влијание, кое, според него, се одразува и преку поддршката за политиките на Орбан.
Претходните извештаи на ОБСЕ оценија дека изборите во Унгарија се „слободни, но не и фер“, посочувајќи на преклопување меѓу државата и владејачката партија.
Премиерот Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година, се соочува со сериозен изборен предизвик од централно-десничарската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар.
Т.Д.
