За една година,123 граѓани пријавиле на Агенцијата за заштита на личните податоци дека некој во нивно име отворил лажен профил на социјалните мрежи, покажува годишниот извештај на Агенцијата за 2025-та година. Бројката на пријавени лажни профили е зголемена во однос на претходната година, но од Агенцијата немаат надлежност да постапува во случаи на злоупотреба на профили на интернет и не може да брише или блокира профили на социјалните мрежи.
Според извештајот на Агенцијата, лани биле пријавени и 86 хакнати (украдени) профили на социјални мрежи, 8 злоупотреби со фотографии со деца, но имало регистрирани и навреди и клевети, кражба како и злоупотреба на фотографии и видеа споделени на социјалните мрежи.
Најмногу претставки има за Фејсбук.
– Според социјалната мрежа на која се однесуваат претставките, најголемиот број се однесуваат на Фејсбук (Facebook) (132), потоа на Инстаграм (Instagram) (71) и дополнително одреден број од претставките (26) се однесуваат на ЈуТјуб (YouTube), Тик Ток (TikTok), Твитер (Twitter), Снепчет (Snapchat) и др, стои во извештајот на АЗЛП за 2025-та година.
Бидејќи нема можност и законско овластување за помош или истрага, Агенцијата издаде и објави насоки до граѓаните како да ги пријавуваат овие случаи до социјалните мрежи бидејќи единствено тие може да направат реакција врз лажни или хакирани профили.
Зголеменето користење на социјалните мрежи и објавување на многу лични податоци предизвикува и други проблеми бидејќи лани 229 македонски граѓани пријавиле дека на социјалните мрежи забележале неовластена обработка на нивните лични податоци. Тоа се случаи кога со фотографии или видеа се прават содржини, најчесто за потреби на маркетинг или пак за обид за интернет измами и преземање на податоци за банкарски сметки. Има и случаи кога се злоупотребуваат податоци од познати лекари, научници, јавни личности или бизнисмени за да се праваат реклами за определени производи.
Сепак, според извештајот на Агенцијата, ваквиот тренд на злоупотреби преку социјалните мрежи се намалува.
Миомир Серафиновиќ
