За два дена владеењето на унгарскиот премиер, Виктор Орбан по 16-години ќе замине во историја или уште повеќе ќе се устоличи, што пак може да биде вовед кон излегување на Унгарија од Европската унија. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека опозициската десно-центристичката партија Тиса на Петер Маѓар води со 39 проценти пред владеачката Фидес на Орбан, која има 30 проценти поддршка, но покажуваат и дека 21 процент од унгарските гласачи се уште не одлучиле за кого ќе гласаат, што може да бидат одлучувачки на изборите.
Дополнително бројките од анкетите не мора да значат и пратенички места во комплицираниот изборен систем на Унгарија, соогле дека се гласа за кандидат и за партиска листа на национално ниво, по што с еопределува кој колку пратеници ќе добие од 199 места во унгарскиот парламент.
Изборите во Унгарија инаку внимателно се следат во Брисел, при што многумина во Европската Унија се надеваат на пораз на националистичкиот, автократ, Орбан, кој го сметаат за закана за иднината на Унијата.
„Може слободно да се каже дека односите меѓу ЕУ и Унгарија во моментов се на дното. И ако победи, обете страни, и Унгарија и ЕУ, мора да се вратат на некаков вид конструктивен однос на соработка, но со оглед на тоа колку непријателска беше оваа кампања од унгарска страна кон Украина, кон нивото на ЕУ, што се рефлектираше и со посетата на Џ.Д. Венс во Будимпешта неделава, би очекувале дека овој однос е навистина затегнат во моментов“, вели Јорк Албрехт, истражувач соработник во Берлинскиот институт за европска политика.
Унгарија досега ги блокираше политики на ЕУ поврзани за поддршката на Украина, истовремено уценувајќи ја, што пак значеше и замрзнување на средствата од ЕУ за Будимпешта. Затоа многумина во Брисел во Петер Маѓар, гледаат потенцијален излез од опструкциите кои ги правеше власта на Орбан, иако Маѓар најави дека како примиер би се стремел кон конструктивен, но критички однос кон блокот.
Маѓар кој е поранешен член на Фидес, но кој јавно се откажа од партијата критикувајќи ја за корупција, во изминатите две години доби голема популарноста во Унгарија, особено кај помладите гласачи, кои во него гледаат можност за промена, со огле дека изборната кампањата на Маѓар се фокусира на нефункционалниот здравствен и образовен систем, и стагнацијата на унгарската економија.
„Секако, тој не е најпрогресивен во поддршката на Украина, во однос на ЛГБТИК заедниците. Но, како што реков, во односите меѓу ЕУ и Унгарија кои се на дното, можеме да очекуваме многу поконструктивен пристап од него, бидејќи еден од неговите главни аргументи во кампањата е дека сака да ги одмрзне средствата што ЕУ ги блокираше за Унгарија“, вели Албрехт.
Според него во Унијата би се почуствувало олеснување ако дојде до промена на владата во Унгарија.
Орбан пак во изборите влезе со реторика дека тие се избор помеѓу „војна или мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
Изборите во Унгарија на светската геополитичка снека се гледаат и како вовед во тоа дали крајната десница ќе го има својот тримф и ќе го означи крајот за либералната демократија во Европа, со оглед дека се наближуваат избори и во други европски држави, каде крајната десница е во подем.
Тамара Грнчароска
