Празничниот велигденски викенд предизвика зголемен метеж на граничните премини низ земјава, при што илјадници граѓани го искористија слободното време за патувања, најчесто кон Грција.
Најголем проток на возила и патници е забележан на премините Богородица и Табановце.
Според податоците од МВР, во изминатото деноноќие преку Богородица излегле 6.864 македонски државјани, додека преку Табановце земјата ја напуштиле 9.150 лица.
Значителен број влезови и излези се евидентирани и кај странските државјани на овие премини.
Метежи се регистрирани и на Дојран и Меџитлија, каде илјадници патници преминале во двата правци.
Од МВР информираат дека е воведен засилен надзор и мерки за непречен проток на патници во текот на празничниот период, како и примена на новиот европски систем за евиденција на патувања.
