И покрај напорите за постигнување прекин на огнот меѓу САД и Иран, кризата на Блискиот Исток е далеку од завршена. Главна пречка за договор е длабоката недоверба меѓу страните, како и различните позиции за клучните прашања.
Mеѓувреме, Израел продолжува со воени операции во Либан, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп бара излез од конфликтот, со оглед на внатрешно-политичките притисоци и економските последици, особено растот на цените на енергенсите.
Од друга страна, Иран, иако претрпе значителна штета, останува воено активен и настојува да ја искористи ситуацијата за зајакнување на својата позиција во преговорите.
Еден од клучните проблеми е контролата врз Ормутскиот теснец, низ кој минува значителен дел од светската трговија со нафта и гас. Неговото затворање од страна на Иран претставува сериозна закана за глобалната економија и станува централна точка на преговорите.
Отворањето на овој поморски пат се смета за неопходен чекор кон стабилизација.
Во поширок контекст, конфликтот веќе предизвикува геополитички промени во регионот. Земјите од Заливот ги преиспитуваат своите сојузи, додека глобалните сили како Кина и Русија внимателно ја следат ситуацијата.
И покрај можниот прекин на огнот, неизвесноста останува, а регионот се соочува со долгорочни последици.
