Државниот завод за ревизија во својот најнов извештај за состојбата со пензискиот систем во земјава предупредува дека пензискиот систем и грижата за старите лица во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици.
Иако пензиите се исплаќаат редовно, нивната одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси и растечката зависност од буџетски трансфери, кои во 2024 година достигнале околу 690 милиони евра.
Се очекува овој износ дополнително да расте, што претставува значителен фискален ризик. Нивната ревизија покажала дека системот за грижа за лицата над 65 години е недоволно развиен.
Формалните услуги се ограничени и опфаќаат помалку од 1% од старото население, додека најголем дел од грижата ја обезбедуваат семејствата. Во исто време, државата нема активна сеопфатна стратегија за стари лица, а постојните капацитети, како домовите и дневните центри, се недоволни и нерамномерно распределени.
Демографските проекции се особено загрижувачки: до 2055 година над една третина од населението ќе биде постаро од 65 години, а бројот на работоспособни лица значително ќе се намали. Ова според анализата ќе создаде дополнителен притисок врз јавните финансии и социјалниот систем.
Поради тоа, ревизорите препорачуваат итни и координирани реформи, вклучително прилагодување на пензискиот модел, зголемување на капацитетите за нега и подобрување на институционалната координација.
